вторник, јануари 27, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Го лади ли Изборниот законик „менито“ од лидерската средба?

Го лади ли Изборниот законик „менито“ од лидерската средба?

19

Ќе останат ли изгласувањето на промените во Законот за прекршоци со кои ќе стартува системот „Безбеден град“ и изборот на нов народен правобранител главни дострели од неодамнешната лидерска средба организирана од премиерот Христијан Мицкоски? Ваква дилема се наметнува откако на противењето на СДСМ сега се надоврзаа и премислувањето на опозициската ДУИ. „Итнегративците“ иако најавија поддршка за „Безбеден град“ на крајот гласаа „против“, а не го ублажија ниту противењето кон новиот народен правобранител кој, сепак, беше избран без нивна поддршка. Сето ова води кон енигма што ќе се случува натаму со спроведувањето на другите теми што беа на „менито“ на лидерската средба. Односно, со (не)укинувањето на пржинската влада, со промените на Изборниот законик, со поддршката на законите од реформската агенда, со Кривичниот законик?… Прашањето што се наметнува е дали и за нив ќе отсуствува поддршката од СДСМ и од ДУИ и дали ќе се бараат потребните пратенички гласови преку поддршка на народните избраници од другите партии.

Ново меѓупартиско заострување

Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ деновиве тргна во жестоки напади, преку прес-конференции, против СДСМ и ДУИ.

– Венко Филипче и Али Ахмети се синоним за криминал, корупција и негрижа за граѓаните и додека беа власт и сега, додека се опозиција. Седум години СДС и ДУИ не направија ништо за државата и додека беа на власт, државата беше оставена сама на себе, без систем, без одговорност, со многу криминал и корупција во секоја пора на општеството. Филипче и Ахмети повторно се обединети за свои цели и сопствена заштита. Пред 10-ина дена имале средба во Мала Речица, каде што се координирале за идното дејствување. Тие се координирале и нивните пратеници гласаа против системот „Безбеден град“, против безбедноста на граѓаните во сообраќајот и нивните животи – соопшти вчера владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.

Индикативно е тоа што лидерот на ДУИ, Али Ахмети, сега повторно стана предмет на напади на владејачката партија. Ова се случува по повеќедневниот период во кој не се правеше тоа, најверојатно за потребите за успешно поминување на лидерската средба. Премиерот Христијан Мицкоски, вчера, во Гази Баба, изјави дека „некогаш ќе има средба“ со Али Ахмети. Таквиот однос сега најмногу отвора прашање како ќе се движат меѓупартиските односи и ставови околу изготвувањето на новите изборни правила, а што беше најавено како проблем што треба да почне да се решава токму во овој период. Односно дали ќе биде можно да се постигне меѓупартиски консензус?

Министерот за правда, Игор Филков, неодамна предупреди дека сè уште не пристигнале до нив номинации за формирање работна група во македонското Собрание.

– Испратени се два дописи до Собранието. Едниот е на 31 декември 2025 година, а другиот на 20 јануари. Oчекуваме Собранието да одговори на нашиот допис со кој бараме да се номинираат по двајца претставници на парламентарните партии и независните пратеници, по што ќе формираме работна група што ќе пристапи кон подготовка на Изборниот законик – посочи Филков, додавајќи дека е потребен меѓупартиски консензус.

И претседателот на македонското Собрание, Африм Гаши, потврди на неодамнешниот брифинг дека партиите не предлагаат членови и дека доцни процесот. Но, она што е најголема дилема е прашањето дали ќе биде можно да се постигне едногласност околу новите изборни правила, кои треба да почиваат на промената: наместо шест, во иднина во Македонија да има само една изборна единица за избор на пратеници. Се чини, постои согласност од сите релевантни партии околу таквата промена, бидејќи никој не соопштил дека категорично го отфрла моделот со една единица, туку, напротив, дека се прифаќа тој. Меѓутоа, различните ставови доаѓаат до силен израз кога е во прашање разработувањето на правилата врз кои би функционирал сменетиот изборен модел. Познато е, помалите политички партии како ЛДП, Демократскиот сојуз и другите со години го предлагаат воведувањето една изборна единица, при што се бара да нема цензус за влез во Парламентот, пратеничките мандати да се пресметуваат според Донтовиот модел, како и да се користат отворени кандидатски листи по одреден пробен период и тестирање на локалните избори.

Како да гласаат иселениците?

Веќе се појавуваат разлики меѓу партиите околу сето ова, кои водат кон прашањето дали ќе биде можно да се постигне меѓупартиски консензус. Премиерот Мицкоски неодамна соопшти дека ВМРО-ДПМНЕ поддржува една изборна единица, но бара да се овозможи и гласањето на дијаспората.

– Повикувам сите заедно да го промениме Изборниот законик, да направиме една изборна единица и да дозволиме во таа една изборна единица и дијаспората да гласа. Има држави што дозволуваат организирање гласање исклучиво во рамките на дипломатско-конзуларните претставништва, но има и такви што воопшто не го дозволуваат тоа. Тоа претставува реална пречка. Се согласивме дека треба да бидеме креативни и да продолжиме да размислуваме и да разговараме, но во овој момент тоа да биде на ниво на координаторите на пратеничките групи – изјави по лидерската средба.

Проблемот воопшто не е мал. Во Австралија, на пример, каде што има големо македонско иселеништво, не се дозволува гласање надвор од ДКП-а. Големите далечини на кои живеат нашите сонародници се причина за минималниот одѕив на избирачите на изборите во минатото. Тоа води кон прашањето дали ќе треба да се воведе можност иселениците да гласаат електронски, со писма или на друг начин. А, за сето тоа е потребен договор за кој, исто така, ќе треба не мал временски период да се спроведе, дури и во ситуација партиите да постигнат консензус.

Од друга страна, опозициската ДУИ на лидерската средба соопштила дека инсистира на цензусот од 5 проценти освоени гласови од запишаните избирачи. Тоа е значително различно од барањето на помалите партии воопшто да нема цензус, кои на тој начин гледаат можност да освојат некое пратеничко место. Ова ја отвора дилемата дали ДУИ би прифатила да попушти во својот став и да се согласи да се намали цензусот на 3 проценти или, пак, воопшто да го нема.

Од СДСМ веќе отпoрано соопштија дека се подготвени да разговараат за договор и околу тој проблем.

Координаторот на пратеничката група на ЗНАМ, Бобан Карапејовски, по лидерската средба соопшти дека за нив е прифатливо и потребно ново решение со една изборна единица.

– Тоа ќе обезбеди поголема еднаквост на гласот на секој граѓанин и пофер политичка застапеност. Сметаме дека мора јасно и прецизно да се регулира финансирањето на политичките партии, особено на оние што се застапени во Собранието преку пратенички групи за да се обезбеди транспарентност – рече Карапејовски.

Лидерот на Беса, Билал Касами, пак, побарал со измените на Изборниот законик да се најде можност за поголемо учество на дијаспората во гласањето. (Б. Ѓ.)

Павле Трајанов: Ако се формира собраниска работна група, работата нема да се заврши

Павле Трајанов, лидерот на Демократскиот сојуз, кој е дел од владината коалиција и партија што заедно со другите бара промена на изборниот модел, за ВЕЧЕР вели дека не треба да се чека формирањето собраниска работна група за Изборниот законик.

– Моето искуство со вакви работни групи кажува дека тие не доведуваат до резултат. Работата во неа не води кон постигнување согласност и консензус. Најдобро е Министерството за правда да изработи верзија на ИЗ со моделот со една изборна единица и потоа да им ја достави на пратениците. Околу проблемот со цензусот, сметам дека на претстојните парламентарни избори не треба да има цензус, а потоа да биде на околу два-три проценти. Дијаспората треба да гласа, но претходно да се договори начин. Треба и да се укине државното финансирање на партиите – смета Трајанов.

 

ИЗДВОЕНИ