Во овие турбулентни случувања во светот, важно е да не отстапиме од демократските вредности и да се обединиме во зачувување на глобалниот мир и безбедност. САД биле и остануваат наши искрени сојузници на овој пат“, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, при нејзината повеќедневна посета на САД. Таа објави дека присуствувала на приемот што американскиот претседател Доналд Трамп и неговата сопруга Меланија го приредиле по повод 80. Генерално собрание на Обединетите нации.
„Во овие турбулентни случувања во светот, важно е да не отстапиме од демократските вредности и да се обединиме во зачувување на глобалниот мир и безбедност. САД биле и остануваат наши искрени сојузници на овој пат. Благодарност за гостопримството!“, напиша претседателката. Заедно со објавата на фејсбук профилот на претседателката беше прикачена и заедничката фотографија која пак, предизвика серија коментари (дека не е автентична, односно дека е сликана со восочни фигури…) кои набрзо беа демантирани.
“Ве информирам дека фотографијата објавена на моите официјални профили на социјалните мрежи, на којашто сум заедно со претседателот на САД, Доналд Трамп, е автентична и направена во Њујорк за време на свечениот традиционален прием организиран од претседателот Трамп и неговата сопруга, Меланија Трамп. Написите на одредени медиуми дека станува збор за фотографија со восочна фигура се целосно неточни, злонамерни и со јасна тенденција за дискредитација. Упатувам апел до медиумите за професионално, одговорно и чесно информирање на јавноста, со почитување на вистината како највисок демократски принцип, напиша претседателката на ФБ.
Во рамките на посетата на македонската претседателка на САД, таа се обрати и пред студентите на Универзитетот Колумбија во Њујорк каде што одржа предавање во рамки на Светскиот лидерски форум.
-Нашиот пат кон Брисел наликува на маратон, маратон за кој понекогош мислам дека може да се прашаме „дали го чекаме Годо“. Ние го започнавме нашиот маратон во 2005 година кога ни беше даден кандидатскиот статус. Денес често се користи синтагмата дека Европа е незавршена симфонија без Западниот Балкан, а интересот за регионот порасна пред три години кога, за жал, почна војната во Украина, рече претседателката Гордана Сиљановска – Давкова.
Како што јави известувачот на МИА, таа пред академската заедница го елаборирше исходот од бесконечното одложување на ветувањето за европска интеграција на земјите од Балканот.
Таа рече дека се чувствува како студентка, но и како професорка, дека студентите и недостигаат и дека ги практикувала сократовите методи, што значи дека ги учела студентите, но исто така била подготвена и да учи од нив.
Форумот на светски лидери е серија настани што се одржуваат преку целата година на Универзитетот Колумбија, на кој досега учествувале над 300 шефови на држави и светски лидери од над 85 земји, откако првпат беше основан во 2003 година од страна на тогашниот претседател Емеритус Ли Ц. Болинџер. Целта на Светскиот лидерски форум е студентите, професорите, универзитетската заедница лично да ги слушнат ставовите на државниците, да се поттикне интеракција и меѓусебен дијалог.
Пред предавањето, претседателката Сиљановска – Давкова оствари средба со раководството на Универзитетот Колумбија.
Претседателката на државата е во неколкудневна посета на САД по повод одржувањето на 80. Генерално собрание на ОН. На работната посета ја придружуваат и министрите за надворешни работи и надворешна трговија и за европски прашања Тимчо Муцунски и Орхан Муртезани.