Жителите предупредуваат на зголемена опасност за животот и за здравјето, а институциите сè уште немаат ефикасен систем за контрола и обесштетување на нападнати граѓани. Од „Анима мунди“ нагласуваат дека главниот извор на проблемот е неодговорното сопствеништво и недоволната законска регулација

Глутници бездомни кучиња продолжуваат да создаваат сериозен проблем за безбедноста на граѓаните во Скопје, особено во општината Карпош, но и на други локации низ градот, како и во други градови. Општината Карпош се соочува со ескалација на глутниците, што доведува до директна закана за јавниот ред и за животот на жителите. Групата „Независни за Карпош“ алармираше дека проблемот бара итна реакција и предлага формирање кризен штаб кој ќе ги вклучи општинските служби, Град Скопје, МВР, Агенцијата за храна и ветеринарство, организации како „Лајка“ и активни ветеринари.

– Кучињата што се идентификувани како донесени од други општини или држави да се вратат назад, а чинителите да бидат санкционирани со помош на МВР и камерите на „Безбеден град“ – велат од „Независни за Карпош“. Тие дополнително бараат проверка на видеоснимките од пријавените локации со цел изготвување јасен извештај за преземените мерки.

Проблемот не е ограничен само на Карпош. Во Скопје, пред една година, на 4 март 2025 година, жена (59‑годишна) беше касната од куче скитник на ул. „Благоја Стефковски“ во Гази Баба, додека истиот ден малолетник беше каснат во село Булачани. Во истиот период имаше напади на групи кучиња на кејот кај „Хотел Русија“.

И во Битола имаше сериозни инциденти. Пред една година двегодишно дете беше  крвнички каснато од куче скитник во центарот на градот, што предизвика вонредна акција на тамошното ЈП „Комуналец“ за заловување на кучињата со цел да се заштитат граѓаните и туристите. Овој случај следуваше по претходен инцидент со друго дете во истиот град, што укажува на континуирана закана за најранливите граѓани.

Проблемот со неодговорноста на институциите е дополнително нагласен од искуството на скопјанец, кој пред една и пол година бил каснат од улично куче. И до ден-денес нема добиено обесштетување од Град Скопје за повредата.

– Речиси пред една година и пол, бев нападнат од улични кучиња, пред една позната гостилница, лоцирана во близина на Општина Центар. Бев на велосипед со мојот помал син и такво искуство не му посакувам на никого. Откако ја добив потребната медицинска помош, немилиот настан го пријавив во полициска станица. Го тужев Град Скопје кој ми понуди спогодба, да прифатам помала парична сума. Се сложив, но другата страна не реагираше до судското рочиште. Тогаш судијата пресуди дека треба да добијам поголема парична сума и дека ќе има камата. Уште не ми е исплатена таа парична сума, а само за информација, на истото место, истите кучиња уште си седат, иако сè беше уредно пријавено и до институциите кои се грижат за уличните кучиња. Голем е бројот на оние што со години чекаат да бидат исплатени од Град Скопје поради напад од улично куче – изјави скопјанецот за весникот ВЕЧЕР.

Стручната организација за заштита на животните „Анима мунди“ нагласува дека главниот извор на проблемот е неодговорното сопствеништво и недоволната законска регулација.

– При едно неодамнешно заловување, од шест кучиња заловени од страна на ЈП „Лајка“, дури пет имале сопственик. Овој факт укажува дека бездомните кучиња не се само „проблем на улица“, туку резултат на несоодветно сопствеништво, организирано исфрлање и континуиран прилив на животни од различни страни – објаснуваат од „Анима мунди“.

Организацијата предлага напуштањето миленик да стане кривично дело, со сериозни казни за неконтролиран расплод и пуштање животни без надзор, како што е практика во европските земји. Велат дека додека институциите трошат ресурси на заловување и стерилизација, системот сè уште не го решава коренот на проблемот – неодговорното сопствеништво и недостаток на контрола.

– Животните не се виновни што се на улица. Не е решение да се убиваат животните. Решението е да се спречи создавањето нови напуштени животни. Системот мора да го казни напуштањето и да овозможи вистинска одговорност за граѓаните и институциите – велат од „Анима мунди“.

Без итни законски и институционални мерки, нападите од бездомни кучиња ќе продолжат, со реална закана по животот и по безбедноста на граѓаните, особено на најранливите – децата, возрасните и туристите во градовите.

(С. Бл.) – Фото: Петр Стојановски

 

ИЗДВОЕНИ