Според прогнозата на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), објавена вчера, глобалниот економски раст од 3,2 % оваа година и во 2026 година ќе забави и ќе изнесува 2,9 % поради царините, послабата трговија и геополитичка неизвесност, а мало закрепнување до 3,1 % се очекува во 2027 година.
– Светската економија се покажа како поотпорна оваа година отколку што се очекуваше, поддржана од подобрените финансиски услови, растечките инвестиции и трговијата поврзана со вештачката интелигенција, како и макроекономските политики, но основните слабости се зголемуваат – се наведува во соопштението на ОЕЦД.
Во извештајот се посочува и дека пазарите на трудот ги покажуваат првите знаци на слабеење, а бројот на слободни работни места во многу земји паднал под просекот од 2019 година. Растот на глобалната трговија забавил во вториот квартал од 2025 година, а ОЕЦД предупредува дека повисоките царински трошоци постепено ќе ги зголемат цените и ќе извршат притисок врз потрошувачката и врз инвестициите.
Во еврозоната, проекциите предвидуваат умерен раст од околу 1,3 % во 2025 година, потоа мало забавување на 1,2 % во 2026 година, со закрепнување на 1,4 % во 2027 година и подобрување на домашната побарувачка.
ОЕЦД предупредува за бројни ризици и наведува дека дополнителните трговски бариери би можеле сериозно да ги нарушат синџирите на снабдување. Дополнително, фискалните слабости може да ги зголемат долгорочните приноси и да ги влошат финансиските услови, додека пазарите истовремено се загрозени од острата корекција на вредностите на акциите. ОЕЦД апелира за посилен меѓународен дијалог за намалување на трговските тензии и за заштита на придобивките од отворените пазари.












