Потрошувачите на електрична енергија имаат законско право на визуелен пристап до сопствените броила, а секое спречување на тој пристап од страна на операторот на електродистрибутивниот систем – во овој случај ЕВН – претставува прекршување на Законот за енергетика.
„Инженери на Македонија“ велат дека Законот предвидува глоба од 1.000 до 3.000 евра за операторот ЕВН ако не го исполни ова свое законско задолжение.
– Секој граѓанин што не може да го види својот броило, ниту да го контролира внесениот податок за потрошувачката, има право да поднесе претставка и да бара инспекциски надзор и санкционирање на операторот. Ова се однесува и на случаите кога се поставени броилата зад метални мрежи, стакла што не дозволуваат читање или се наоѓаат на несоодветни и небезбедни места што го оневозможуваат пристапот – појаснуваат од „Инженери на Македонија“.
Оттаму наведуваат дека со новиот закон што стапи на сила на 29 мај 2025 година, операторот е обврзан да овозможи визуелен пристап до мерниот уред, односно потрошувачот да може лично и во секое време да го види и провери податокот што уредот го регистрира.
– Поставувањето броила во затворени кутии, на височина недостапна за граѓанинот, во заклучени простории, невидливи за граѓанинот или поставено во ормани каде што не може да се види броилото, претставува правно недозволено постапување – велат „Инженери на Македонија“.
Тие додаваат дека е поднесено официјално барање до надлежните инспекциски органи: Државниот инспекторат за енергетика, рударство и минерални суровини и Државниот пазарен инспекторат, како и до Министерството за енергетика за да се потврди кој од нив е конкретно надлежен за постапување и санкционирање во овие случаи.
– Веднаш по добивањето на нивниот одговор, јавноста ќе биде информирана кој инспекциски орган е директно одговорен за постапување по претставките за оневозможен пристап до броилата. Граѓаните треба да бидат свесни за своето право на увид и проверка на сопствената потрошувачка и да се охрабрат да го пријават секое прекршување. Неовозможувањето пристап до мерниот уред не е техничко прашање, туку директна повреда на законската обврска и причина за санкција. Броилата, иако се сопственост на ЕВН, истовремено се дел од јавна услуга, а пристапот до нив е неопходен елемент на транспарентноста, контролата и на заштитата на потрошувачот – нагласуваат од „Инженери на Македонија“.