Пионерскиот дом во Гевгелија десет дена беше место каде се собираа и младите и повозрасните граѓани кои сакаа да научат како и на кој начин може да ја обликуваат глината. Керамичката работилница, оваа глинена авантура, мошне умешно ја водеше академската вајарка и музејски копист, позната по својата посветеност на културното наследство и современата уметност, Гордана Николоска Петрова. Таа не го криеше своето задоволство од масовноста и изработените глинени предмети:

„Среќата за еден ментор е голема кога гледа страст кај посетителите и учесниците да ги совладаат вештините на изработка на предмети од глина. Навистина сум пријатно изненадена од одзивот за оваа работилница, на која за само девет дена беа изработени 493 предмети. Сакам особено да ги издвојам штитениците на Дневниот центар за лица со посебни потреби од Гевгелија и Центарот „Мајка Тереза“. Само што им го покажав креативниот процес на изработка на предмети од глина, се зафатија за работа и изработија прекрасни примероци. Беа тоа прекрасни девет дена поминати во еден процес исполнет со креативност, ангажираност и човечка поврзаност. Тие, преку креативна едукација и изработка, се потсетија на вредноста на керамичкото занаетчиство, во пријатна тишина што ја носи работата со глина, и на моќта на уметноста како облик на терапија, релаксација и себеспознавање. Секој учесник внесе дел од себе во создадените дела – низ форми, бои, текстури и лични приказни втиснати во глината. Би рекла, глината никогаш не е здодевна. Секогаш има што да се истражува и што да се создава од неа. Глината е толку длабока и широка како што е и самата земја“, изјави Петрова за весникот „ВЕЧЕР“.

Инаку, првата недела на керамичката креативна работилница беше посветена на инклузивно дружење и творење на лица со попреченост – штитеници на Дневниот центар за лица со попреченост – Гевгелија и Центарот „Мајка Тереза“– Гевгелија. Целта беше преку уметност и окупациона терапија, овие личности  да ги надминат предизвиците и да го покажат својот потенцијал, инспирирајќи ги сите околу себе. Во своите креации тие внесоа искреност, емотивна длабочина и посебен уметнички сензибилитет. Нивните дела ја пренесоа пораката за еднаква вредност на секој уметнички настроен поединец, без оглед на личните предизвици и хендикепи.

Втората недела, керамичката работилница ја посетуваа повозрасните гевгеличани, вклучително и гевгеличани кои живеат во странство, а летово се вратија на одмор дома. Сите тие  преку креативна едукација и сопствено творење ја откриваа силата на глината – не само како материјал туку и како средство за исцелување на умот и духот преку арт-терапија. Преку уметничка интеракција, и едните и другите учесници имаа можност да се изразат, да се дружат и да го доживеат чувството на припадност и заедничко творештво.

Оваа интересна работилницата, во организација на Пионерскиот дом во Гевгелија заврши со изложба, на која изработените предмети на повеќе од сто учесници беа презентирани пред очите на јавноста, со што беше одбележан крајот на оваа креативна глинена авантура. (Љ.А.)

 

ИЗДВОЕНИ