Фабио Фоњини е еден од оние тенисери кои покрај квалитетите што ги поседува важи и за многу темпераментно момче, што скапо го чинеше во одредени ситуации не можејќи да го покаже целиот потенцијал на теренот.

Иако е на работ на пензија, сè уште не може да го контролира својот темперамент. Италијанецот го загуби натпреварот од првото коло против Корентен Муте во Штутгарт, па целосно збесна на теренот.

  • Гледај во мене, гледај во мене, свињо една!, му говореше на Французинот честитајќи му ја победата од 6:4, 6:7 (3:7), 6:3.

Муте, за кого исто така не може да се каже дека е цвеќе за мирисање, целосно го игнорираше ова однесување на Италијанецот, веројатно задоволен од пласманот во наредната фаза.

Фоњини пред овој инцидент го скрши рекетот и дури се обиде да му го блокира патот на Муте до столчето, но Французинот остана смирен, се сврти и почна да ја поздравува публиката.

И двајцата се познати по бројни инциденти, а ова не е првпат Фоњини да ги навредува своите противници. Тој беше дисквалификуван и од Отвореното првенство на САД поради навреда на судија.

Истото важи и за Муте, кој беше вмешан во голема расправија со Александар Бублик пред само неколку месеци. Ситуацијата се вжешти толку многу поради контроверзноста околу тоа дали е подготвен да сервира или не, што Казахстанецот предложи да се тепаат по натпреварот.

Едноставно кажано, станува збор за двајца тенисери со краток фитил и долг јазик.

ИЗДВОЕНИ