Главоболка за Зеленски: Херојот на одбраната на Киев би можел да се кандидира за претседател

329

Францускиот портал „Интелиџенс онлајн“ објави дека на некои високи воени функционери блиски до Валериј Залужни, поранешниот врховен командант на украинската армија, наводно им се понудени места на неговата парламентарна листа, иако тој сè уште не одлучил дали ќе се кандидира за претседател.

Извор запознаен со потенцијалната парламентарна листа изјави дека таа вклучува неколку високи воени функционери на кои им е понудено можно членство во парламентот доколку Залужни го наследи сегашниот претседател Володимир Зеленски.

Порталот напоменува дека дискусиите за потенцијалните наследници на Зеленски траат веќе неколку години, иако некои набљудувачи велат дека овие наративи се проруски дезинформации насочени кон поделба на украинскиот политички фронт.

„Интелиџенс онлајн“ додаде дека Залужни молчел за какви било идни политички планови и дека неговиот тим строго ги контролира неговите јавни настапи во Лондон.

Исто така, беше споменато дека, покрај Залужни, амбиции за следните претседателски избори може да има и Кирил Буданов, шефот на Службата за одбранбено разузнавање на Украина. Според „Интелиџенс онлајн“, невладината организација „Заштита на државата“ наводно тивко работи на унапредување на амбициите на Буданов.

Во август, „Гардијан“ објави дека Андриј Јермак, шефот на канцеларијата на Зеленски, го посетил Залужни во Лондон и му понудил улога во тимот на Зеленски за претстојните избори, но тој одбил.

Во февруари 2025 година, Залужни ниту потврди ниту негираше потенцијални претседателски амбиции, истакнувајќи дека прашањето ќе се појави само ако украинската државност не биде загрозена.

Според најновото истражување на анкетната организација „Рејтинг“, мнозинството Украинци би гласале за Зеленски на следните претседателски избори, но би ја поддржале хипотетичката „Партија на Залужни“ на парламентарните избори.

Залужни се смета за еден од најзаслужните за одбраната на Украина и Киев во првите денови од руската агресија во 2022 година.

ИЗДВОЕНИ