Главните виновници и осуденици за Ласкарци и по седум месеци не се во затвор!?

ИМА ЛИ БРАНА ЗА ИЗИГРУВАЊЕ НА ЗАКОНИТЕ И НА ПРЕСУДИТЕ ЗА ТРАГЕДИИТЕ

71

На секое судење, по секоја голема трагедија во земјава, во судниците слушаме како човечката лукративност го изигрува системот, ги заобиколува законите, како влијанието го купува интегритетот, а синџирот на коруптивното поведение никако да се раскине. Како да не им е доста од одолговлекувањето на правдата, па сега семејствата на загинатите во трагедијата кај Ласкарци мора да слушаат и читаат дека виновниците седум месеци оперираат тестиси и не одат зад решетки. Не им е ни малку полесно ниту на најблиските на починатите во автобуската несреќа на „Беса транс“ што на денот на годишнината од трагедијата не може да кажат дека се задоволни од правдата. Сите овие трагедии без епилог не се ни малку ветување за роднините на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“, дека правдата ќе биде брза и задоволителна за нивната загуба предизвикана од коруптивното цунами во земјава 

Иако требаше уште во мај да оди во затвор, сепак, осудениот Рамзи Мифрати, кој беше одговорно лице за транспорт во „Дурмо турс“, и натаму сам си ја одложува десетгодишната казна и не оди зад решетки. Последно, полицијата го барала, но не го нашла во неговиот дом за присилно да го спроведе во затворот „Идризово“, по наредба на Судот од Гостивар. МВР ги известило и граничните полицајци на премините, но досега не било регистрирано дека такво лице ја напуштило државата.

Мифтари и газдата на автобуската компанија, Дурмиш Белули, беа осудени за катастрофалната сообраќајна несреќа кај Ласкарци во која загинаа 16-мина патници. И газдата со иста тактика како на Мифтари, веќе седум месеци го одложува затворот, под изговор дека му била вршена операција. На одговорниот за транспорт во „Дурмо турс“, Ремзи Мифтари, одлагањето на казната одамна му истече, а газдата Дурмиш Белули добил ново одложување, односно на први декември треба да се јави во затворот „Идризово“, објави порталот СДК.

КПУ „Идризово“ уште на 7.11.2025 година испратила известување до судијата за извршување на санкциите во Основниот суд Гостивар дека правосилно осудениот Ремзи Мифтари не се јавил за одлежување на казната според дадениот рок во упатниот налог од судијата.

Двајцата добија правосилни пресуди уште на 9 мај годинава, но барањето, со оправдување за одложување, им „помина“ кај судијата за извршување санкции. На 9 мај, Апелациониот суд Скопје повеќе од двојно му ја зголеми затворската казна на газдата Дурмиш Белули, од четири на десет години. На Ремзи Мифтари му ја зголеми од шест на десет години затвор. Во автобуската несреќа што се случи во 2019 година загинаа 16-мина патници, а над 30 беа повредени.

Четири години од трагедијата на „Беса транс“, виновен шоферот што загина во несреќата

Денеска, пак, се навршија четири години од катастрофата на автопатот „Струма“ во Бугарија, од автобуската несреќа на „Беса транс“ во која трагично загинаа 45-мина македонски државјани, меѓу кои 12 деца. На 23 ноември 2021 година, автобус на туристичката агенција „Беса транс“ се запали по страшен удар во заштитна ограда и само седум патници успеаја да го преживеат огнениот пекол.

Туристичкиот автобус се враќал од Истанбул, патувал во ноќните часови, а несреќата се случи рано утрото на бугарска територија, на пат кој Македонија.

За несреќата се водеа две паралелни истраги и судски процеси. Основниот кривичен суд го осуди сопственикот на „Беса транс“, Беким Хаџиу, на една година и осум месеци затвор за фалсификување исправа, откако беше утврдено дека автобусите на компанијата преминувале граници со фалсификувани изводи од лиценци за меѓународен превоз. Санкции доби и самата фирма, 800.000 денари парична казна, четиригодишна забрана за вршење меѓународен превоз по правосилноста на пресудата. Во истрагата спроведена од бугарските правосудни органи, како главна причина за несреќата беше наведена човечка грешка. Според бугарското Обвинителство, возачот што загина во несреќата управувал со неприспособена брзина и ја загубил контролата над автобусот, што довело до ударот и до последователниот пожар.

Четири години подоцна, болката кај семејствата на трагично загинатите не стивнува, а јавноста и понатаму ја мачат прашањата за безбедноста во автобускиот превоз, дали има контрола на документацијата или и натаму им се прогледува низ прсти на превозниците да продолжат да работат.

Ќе има ли собраниски комисии за трагедиите што нè снајдоа последниве 10 години?

Македонската јавност продолжува да бара гаранции дека никогаш повеќе нема да се повторат вакви трагедии и во последниот период повторно се актуализираа барањата за формирање надзорна и анкетна комисија  за катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“, каде што загинаа 63 луѓе, а околу 200 останаа со физички повреди и со психички трауми. Пратеникот од Левица, Димитар Апасиев, најави дека, како претседател на постојаната анкетна Комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот во Собранието, оваа недела ќе закаже посебна комисиска седница на која ќе се разгледува претставката од семејствата на загинатите во Кочани, испратена преку Здружението „16 март“. Оваа комисиска расправа, која ја најави Апасиев, е одделна од онаа на пратеничката група на СДСМ, која  поднесе предлог за надзорна расправа и за формирање посебна анкетна комисија за целосно и независно испитување на трагедијата во т.н. кабаре „Пулс“. Од владејачката партија во Парламентот, ВМРО ДПМНЕ, рекоа дека ќе ги прифатат барањата на СДСМ и на Левица, но телото да биде проширено и да ги опфати и сите други трагедии во земјава,  модуларната болница во Тетово, Ласкарци, „Беса транс“.

– Да, ние ќе ја поддржиме ваквата анкетна комисија, но и ќе бараме да биде проширена за сите трагедии за кои, за разлика од овој случај, нема никаква ниту морална ниту политичка, а ниту кривична одговорност – изјавија од ВМРО- ДПМНЕ. (П.А.)

ИЗДВОЕНИ