Во Мобилна/монтажна галерија во Паркот на франкофонијата во Скопје, утре во 20 часот, скулпторот Озбек Ајваз ќе ја претстави својата втора самостојна изложба „Гласот на минатото“ – скулптурална инсталација во јавен простор.

„Делото претставува уметнички потсетник на едно време кога читањето весници беше секојдневен ритуал, а вестите се примаа со трпение, внимание и доверба во изворите. Со својата форма и порака, скулптурата ја оживува културата на внимателно информирање, која денес сè повеќе исчезнува под притисок на онлајн медиумите, социјалните мрежи и инстант информациите“, велат од Центарот за современи уметности.

Озбек Ајваз е роден во 1999 година во Скопје, Македонија. Во 2021 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, на отсек вајарство со модул сценографија, под менторство на проф. м-р Жарко Башески и проф. м-р Беди Ибрахим. Моментно е на магистерски студии на истиот факултет, отсек вајарство, под менторство на проф. м-р Жарко Башески.

Неговото творештво се карактеризира со скулптури изработени претежно од рециклирано железо, во апстрактни и геометриски форми, под влијание на Пабло Пикасо, Александар Архипенко, Марсел Дишан и Џулио Гонзалес.

ИЗДВОЕНИ