Околу 450.000 запишани избирачи во македонската метропола, на 19 октомври, в раце ќе ги добијат најдолгите гласачки ливчиња откако излегуваат на локални избори. Тие, според процената, може да достигнат и должина од половина, па сè до цел метар! Ова од причина што на претстојните октомвриски локални избори се поднесени дури 20 кандидатски листи за избор на 45 советници во Советот на Град Скопје. Така, доколку се претпостави дека за секоја од листите ќе биде потребен простор од 3 до 5 сантиметри на гласачкото ливче, тогаш е лесно да се пресмета дека неговата должина може да достигне и до 100 сантиметри. Особен предизвик за конечното решение за должината на гласачкото ливче ќе биде начинот на кој ќе го реши ДИК објавувањето на листите на советници на коалициите, кои имаат голем број партии во своите редови. Само, на пример, во составот на владејачката коалиција „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, има вкупно 25 партии, чие наведување ќе бара подолг простор на гласачкото ливче. Исто така, и во коалицијата предводена од СДСМ има повеќе партии, како и во Националната алијанса за интеграција на ДУИ, на „Вреди“… А, сето тоа укажува дека гласачите ќе бидат изложени на посебен предизвик: да го најдат името на советничката листа за која сакаат да гласаат.
Не многу помала ќе биде должината и на гласачкото ливче за избор на скопски градоначалник. На него ќе биде потребно да се наведат вкупно 18-мина пријавени кандидати, заедно со нивните предлагачи и со редните броеви. На овие избори ќе има шестмина повеќе претенденти за влез во градоначалничкиот кабинет отколку што имаше на локалните избори пред четири години. Свои кандидати во Градската изборна комисија пријавија следниве подносители: група избирачи Драган Николовски, група избирачи Сашо Маневски, група избирачи Јана Белчева-Андреевска. Исто и партиите и коалициите: „Твоја Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ, Коалиција за локални избори 2025 година на СДСМ, Национална алијанса за интеграција на ДУИ, „Вреди“, Левица, „Искуство за успех“ на ЛДП, Сојуз на Роми, МААК, Работничка партија, Родина Македонија, ТМРО, Политичка унија на Роми Скопје, Твоја партија, Македонска ера трета – Македонски независни листи – Суверенисти и Единствена Македонија.
– Должината на гласачкото ливче ќе зависи од големината и од форматот на буквите. Но, основно е тоа што изгледот на гласачкото ливче и што ќе содржи тоа ги утврдува ДИК – ни објасни поранешниот член на ДИК, Јанаке Витановски.
Во групата општини каде што ќе имаат гласачите подолги гласачки ливчиња ќе влезе и Битола, каде што има осуммина кандидати за градоначалници и 16 советнички листи, во Прилеп и во Струга има деветмина претенденти за градоначалник и 10 советнички листи, во Гази Баба има седуммина кандидати за општински татко и 12 листи за општински Совет, во Тетово – шестмина кандидати за градоначалник и 10 листи за советници, во Бутел четворица претенденти за градоначалник и 12 советнички листи…
Увидот во вчера објавените податоци за пријавените кандидати покажува дека во 13 македонски општини има само по двајца пријавени кандидати за избор на нивни градоначалници предложени од коалициите предводени од ВМРО-ДПМНЕ или од СДСМ. Така, директни дуели на коалициите предводени од најголемата партија на власт и од најголемата опозициска партија ќе има во: Карбинци, Делчево, Кратово, Крива Паланка, Штип, Кривогаштани, Јегуновце, Богданци, Босилово, Ново Село, Валандово, Василево и Петровец. Само по двајца кандидати за градоначалник, предложени од коалицијата „Вреди“ и од НАИ на ДУИ, ќе има во пет општини: Боговиње, Липково, Теарце, Желино и Врапчиште.
Инаку, поднесените пријави покажуваат дека најголемата опозициска партија, СДСМ, нема предложено свои кандидати за Кичево, Струга и за Тетово, што ги отвора прашањата за кого би гласале нејзините приврзаници во овие општини. Во Кичево, познато е, има четворица пријавени кандидати: на НАИ на ДУИ – Фатмир Дехари, на „Вреди“ – Фатмир Лимани, на „Твоја Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ – Александар Јовановски и предлогот на група избирачи предводени од Шкодран Алили.
Ќе биде интересно да се види какви последици за дуелот меѓу двете најголеми коалиции од власта и од опозицијата, предводени од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, „Вреди“ и од ДУИ, ќе има учеството на само по уште еден кандидат, инаку трети, во вкупно девет општини. Така, покрај двајца кандидати од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ, или од ДУИ и од Вреди, трети кандидат ќе има во Могила каде ривалот ќе им биде Сашко Пивковски, предлог на група на избирачи, во Арачиново ќе биде Фекри Бакиу предложен од група на избирачи, во Свети Николе Гордан Стошевиќ, во Студеничани Азем Садики, во Дебар Рамадан Имери, во Чучер Сандево Влатко Смоковски. Во Вевчани и во Пехчево трет учесник во градоначалничкиот дуел меѓу кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ ќе бидат оние од Работничка партија и од Левица. (Б.Ѓ.)
(рамка)
Н: Во Македонска Каменица, дуел на двајца кандидати од две групи избирачи
Интересна е и ситуацијата во која за избор на градоначалник на Општина Македонска Каменица, во трка не влегле партиските коалиции или, пак, некоја самостојна партија. Во оваа општина сега има само двајца кандидати предложени од две групи избирачи – едниот е Миран Митревски, вработен во општинските служби, а другиот е Слободан Велиновски, досегашен член на општинскиот Совет.