На брза лента денеска одеше изгласувањето на повеќе одлуки во македонското Собрание, а чие донесување се очекуваше и се најавуваше во изминатиов период. Откако на 15 јануари им истече мандатот на досегашните членови на Државната изборна комисија, а кој беше продолжен заради дополнителни локални избори во четири општини, пратениците го изгласаа нејзиниот нов состав. Придржувајќи се до правилото дека кандидатот за позицијата претседател го предлага најголемата опозициска партија, со мнозинство од 83 гласови „за“, за прв човек на ДИК беше избран Бојан Маричиќ, како предлог на СДСМ. Маричиќ дипломирал на отсекот за меѓународно право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, а од 2020 па до 2022 година беше министер за правда, а потоа уште две години вицепремиер задолжен за европски прашања. Досегашниот претседател, Борис Кондарко, ќе продолжи да биде член на ДИК; а во составот се уште и Абдуш Демири, кој е избран за потпретседател, како и Александар Даштевски, Ангелчо Ристов, Светлана Карапетрова и Дитмире Шеху.
По ова, со 76 гласа „за“ и само еден „против“ и без ниту еден прифатен амандман на комисиската расправа и забелешка од експертите, народните избраници ги изгласаа измените на Кривичниот законик кои ги предложија пратеници од владејачката ВМРО-ДПМНЕ. До изгласувањето доаѓа откако за цели четири месеци беше надминат шестмесечниот рок поставен лани од Уставниот суд за да се сменат спорните промени. Измените се изгласаа без многу дискусии, при што пратеничката од Левица, Јована Мојсоска, кажа дека нема да гласаат.
–Со ваквото законско решение имаме намалување на казните за злоупотреба на службената положба и делата поврзани со јавни набавки се декриминализираат. Со ова законско решение се предвидуваат само две законски основи за гонење злоупотреби на јавни набавки кои воопшто ги нема во практиката. Системскиот Кривичен законик не го гледаме, не го донесе ниту оваа ниту претходната власт. Ова е само „шминкерско“ решение, колку да се запази рокот што го даде Уставниот суд. Ако власта имаше искрени намери, ќе го препишеше законското решение од 2023 година, кое предвидува многу поригорозни казни. Со ова решение ќе има побрзо застарување – рече Мојсоска.
Миле Лефков, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, рече дека со измените се исправа една сериозна неправда направена со измените на Кривичниот законик од септември 2023 година.
– Претходната власт ги ублажи казните за корупција, ги избриша клучните одредби за злоупотреби во јавните набавки и беа создадени услови за застарување на предмети од висок профил. Новите законски решенија ја враќаат суштината на казнената политика. Се воведува и ново кривично дело за злоупотреба на интимни снимки и материјали и друго – рече тој.
За нови членови на Комисијата и заштита од дискриминација, пратениците ги избраа Лимко Бејзароски и Наташа Амдију, при што собранискиот спикер Африм Гаши соопшти дека Џинан Ахмед се откажала од кандидатурата. Комисијата има 7 члена, а по повлекувањето на Ахмед, сега има само 6 избрани члена. Повлекувањето на Ахмед доаѓа по нејзиниот скандалозен настап при претставувањето на кандидатите во рамките на собраниската процедура. Најгласни во забелешките за кандидатурата на Ахмед беа од Мрежата за заштита од дискриминација, од каде што побараа Собранието да не ја избере бидејќи не ги исполнувала законските услови предвидени во Законот за спречување и заштита од дискриминација. Односно, нема ниту една година работно искуство од областа на човековите права, особено во областа на еднаквост и недискриминација. Освен ова, како што беше наведено во реакцијата, Ахмед за време на расправата не успеа да покаже основно познавање на Истанбулската конвенција – клучен меѓународен документ за заштита на жените од родово-базирано насилство и дискриминација. На директните прашања таа не даде конкретни правни одговори, туку говореше за Истанбул како град и за историскиот период на Мустафа Кемал Ататурк.
– Јас со Истанбулската конвенција би работела, на пример, откога е усвоен Истанбул. Тие промени, како што биле во почетокот, сега многу работи се сменија. Порано за време на Ататурк имало забрана да одат, еве „забулени“. Секој има право да оди на работа, училиште како што сака. Не да се дискриминираат луѓето или тие жени што носат марама или се од друга етничка припадност или од друга раса – одговори кандидатката Џихан Ахмед, а тоа беше оценето како несоодветно и алармантно за кандидат за ваква позиција.
(Б. Ѓ.)












