– Фокусот на годинашното издание на СВП ќе биде глаголицата, како една симболична врска, мост кој обединува низ вековите. Врска меѓу Македонија и Словачка уште од времето на сесловенските просветители, браќата Кирил и Методиј и поетска Словачка што ни доаѓа преку лауреатот Иван Штрпка. Токму затоа, за промоција на годинашното издание се подготвени графички и видеосодржини кои во себе ја обединуваат глаголицата како фонд кој реферира на првата неофицијална кодификација на македонскиот јазик преку првите преводи на она што го знаеме како старословенски јазик. Традиција или врска која надминува временски период од 1.160 години… посочува директорот на „Струшките вечери на поезијата“, Никола Кукунеш

 

Нашата најголема поетска манифестација со меѓународен карактер, „Струшките вечери на поезијата“, своето 64. издание годинава ќе го реализира од 21 до 25 август, а Струга уште еднаш ќе биде центар на светската поетска сцена. Покрај лауреатот, словачкиот поет Иван Штрпка, добитникот на наградата „Мостови на Струга“, полскиот поет Матеуш Шимчик, на „Струшки вечери на поезијата“ ќе учествуваат седумдесет поети, критичари, преведувачи и литературни работници од Македонија, Франција, Турција, Кина, Шпанија, Ирска…

Покровител на манифестацијата е претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљаноска-Давкова, а Министерството за култура и туризам обезбеди и финансиска поддршка.

Според директорот на „Струшките вечери на поезијата“, Никола Кукунеш, фокусот на годинашното издание ќе биде глаголицата, како една симболична врска, мост кој обединува низ вековите. Врска меѓу Македонија и Словачка уште од времето на сесловенските просветители, браќата Кирил и Методиј и поетска Словачка што ни доаѓа преку лауреатот Иван Штрпка.

„Токму затоа за промоција на годинашното издание се подготвени графички и видеосодржини кои во себе ја обединуваат глаголицата како фонд кој реферира на првата неофицијална кодификација на македонскиот јазик преку првите преводи на она што го знаеме како старословенски јазик. Традиција или врска која надминува временски период од 1.160 години. Годинава, манифестацијата ги подвлекува овие вредности што како традиција ги имаме во поглед на литературното создавање и несомнено и во поезијата, бидејќи се појавува уште со почетоците на писменоста кај нас. Тоа значи дека и литературата и јазикот и поезијата своите корени ги влечат далеку во минатото, а нивните рефлексии и одеци ги слушаме и денес“, рече Кукунеш.

Според него, „Струшките вечери на поезијата“ ги надминува границите на државата и е широко етаблирана и позната во светот.

„Она што се обидуваме подолго време да го потврдиме како некаква теза која вреди да се воочи и да се сфати како факт е дека „Струшките вечери на поезијата“ не е локална организација и не е локален настан. Освен тоа што е национална, ги надминува рамките на државата. Манифестацијата е широко етаблирана и позната во светот. Она што мора да го разбереме е дека вложувањето токму во таа меѓународна промоција на нашиот јазик и култура е тоа за кое оваа манифестација е, всушност, наменета и тоа е нејзината основна цел“, подвлече Кукунеш.

Уметничкиот директор Мите Стефоски информира дека на 64. издание ќе бидат презентирани врвни светски имиња.

„’Струшки вечери на поезијата’ е позната и по тоа што има значајна издавачка активност, која е проникната со самите фестивалски активности. Годинава, покрај вообичаената и луксузна монографија на лауреатот Иван Штрпка, која се објавува тројазично, ќе бидат објавени уште неколку значајни публикации кои ќе бидат презентирани во рамките на Фестивалот. Меѓу нив е и книгата на добитникот на наградата ’Мостови на Струга’, Матеуш Шимчик, книгата на минатогодишниот добитник на нашата најзначајна книжевна награда, наградата ’Браќа Миладиновци’ за најдобра поетска книга меѓу две изданија на фестивалот, на академик Катица Ќулафкова ’Небото ми е дома’, која излегува во превод на англиски јазик. Покрај овие изданија, СВП годинава објавува една ретка антологија ’Дионис и свети Трифун’, панорама на македонската винска поезија, чиј приредувач е познатиот поет и антологичар Славе Ѓорѓо Димоски, која ќе биде презентирана во рамките на Фестивалот во соработка со нашиот стратешки партнер ’Тиквеш’, со кој нè врзува долгогодишно партнерство од самите почетоци на фестивалот. Тоа е наш прилог во одбележувањето на 140 години од постоењето на винарската визба ’Тиквеш’“, додаде Стефоски.

„Струшките вечери на поезијата“ во едицијата плејади ќе објави уште една значајна италијанска авторка, Антонела Анеда „Резиденции во времето“. Како дел од издавачката програма е фестивалската антологија „Кој е кој – поезија од пет континенти“, која го содржи поетското творештво на учесниците на ова издание на манифестацијата.

„Меѓу публикациите кои се редовно дел од издавачката програма се и изданијата кои се реализираат како дел од платформата ’Версополис’, на која основачи се СВП заедно со уште 10 други поетски фестивали. Во партнерство со другите 30 поетски фестивали од Европа, ќе презентираме двајца значајни автори. Од другите значајни промени во програмата ќе го истакнеме враќањето на белезите на ’Струшките вечери на поезијата’, како што се читањата кај споменикот ’Свети Климент’ на плоштадот во Охрид и патувањето со брод и поетското читање на ’Свети Наум’. Поетското матине годинава ќе биде во предворјето на црквата ’Света Богородица Перивлепта’ во Охрид. Имаме една впечатлива програма, која е сосема пристојна и одговара на нивото и реномето на ’Струшките вечери на поезијата’ во светот“, заклучи Стефоски.

Тој најави дека фестивалот повторно ќе го добие својот сјај исполнувајќи ја задачата да биде афирматор и промотор на македонската и на светската поезија.

„Ние сме свесни за значењето, реномето и за одговорноста што стојат пред нас, фестивалот повторно да го добие својот сјај и да го побуди интересот, бидејќи интересот кон поезијата и интересот кон фестивалот се проникнати и нераздвојни, и нашата задача е да бидеме афирматори и промотори на македонската и светската поезија. Токму затоа постои овој фестивал и затоа е најголемото и најзначајното културно име што го има Македонија во светот. На овој фестивал продефилирале повеќе од 5.500 поети и најзначајни светски имиња во 64 изданија. Фестивалот е антологија на светската поезија, а сцената во Струга била место каде што се промовирале најзначајните умови на втората половина на 20 и почетокот на 21 век“, нагласи Стефоски.

Автор на визуелните материјали, плакатот и изложбениот материјал е Лазе Трипков, а автор на видеоанимациите е Емил Петровски.

 

ИЗДВОЕНИ