„Операта – вековно дело од хармонии и бои, музички и драмски колорити, преплетена во епохите низ различни стилови, која допира длабоко во душата на секој поединец и зрачи со својата енергија и моќ, нè спојува со уметникот, неговиот дух и креативност, неговата ранливост и емотивност, со неговата потреба за проникнување во најдлабоките чувства како доказ дека е жив, опстојува, твори.
А што е операта, ако не игра? Игра на гласот, говорот, телото. Игра со чувствата, емоциите, радоста, тагата. Игра во времето…“ вели оперската примадона Весна Ѓиновска-Илкова во македонската порака по повод Светскиот ден на операта, 25. октомври. Таа, меѓу другото, додаде и дека оваа година го славиме јубилејот 100 години од раѓањето на авторот на првата македонската опера, „Гоце“, на композиторот Кирил Македонски, која го означува почетокот на развојот на операта кај нас, споменувајќи ги Трајко Прокопиев, Тома Прошев, Ристо Аврамовски, Стојан Стојков… како дел од авторите на оперските бисери „Цар Самоил“, „Болен Дојчин“, „Лидија од Македонија“, „Змејовата невеста“, „Деспина и мистер Докс“…
„Лично, сите овие изминати години работа и творење ми дозволуваат да донесам заклучок дека и покрај разните премрежиња во политичкиот и во општествениот живот кај нас и во светот, операта како дел од културата е обединувач на различностите, сојузник на младоста и мудроста, величина пред аудиториумот. Како човек, кој секогаш им давал поддршка на младите уметници, им порачувам да бидат трпеливи и подготвени, да знаат дека развојот на еден уметник мора да биде природен и постепен, зашто секој период од животот на уметникот во уметноста има развојна фаза, проследен е со многу одрекувања, со дисциплина и посветеност, со верба во себе и во својата работа. Само тогаш нема да потклекнат на бодежите од надворешноста. Конечно, Македонија е земја каде што вирее музиката и седумосминскиот такт. Да продолжиме да создаваме и да креираме музика зошто никогаш повеќе не ни требала културата нам, и ние нејзе!“, вели во македонската порака Ѓиновска-Илкова.












