Откако Оклахома ја освои титулата во НБА-лигата, откако во решавачкиот, седми натпревар од финалната серија, славеа над Индијана со 103:91, тимот го направи и првиот крупен чекор. Тие ја продолжија соработката со нивниот најдобар играч, Шеј Гилџус-Александар, кој имаше импресивна сезона со просек од 33 поени по натпревар.
Информацијата околу продолжувањето на соработката ја сподели инсајдерот на ЕСПН, Шамс Чаранија, кој објави дека Гилџус-Александар со новиот потпис ќе добие највисоката годишна плата во историјата на НБА. Канаѓанецот наводно ќе потпише четиригодишно продолжување на договорот во вредност од 295 милиони евра, до сезоната 2030/31. Со ова, тој ќе заработува околу 71 милион евра годишно, што е значително повеќе од најплатениот играч во лигата, Стеф Кари.
Минатата сезона, според „ЕСПН“, легендата на „воините“ заработи околу 59 милиони евра, четири милиони повеќе од Џоел Ембид.
Исто така, во текот на регуларната сезона, Гилџус-Александар беше најдобар стрелец во НБА-лигата со просек од 32,7 поени по натпревар, а земајќи ги предвид сите овие достигнувања, многу коментатори велат дека во неговата седма професионална сезона, тој ја имаше една од најдобрите сезони досега. Исто така, тој беше прогласен и за МВП во регуларниот дел од сезоната, а воедно ја доби наградата за најкорисен играч во плејофот.
Шеј беше избран како 11. пик на драфтот во 2018 година откако играше една година колеџ кошарка. Тој ја одигра својата прва НБА-сезона со Клиперси, кои потоа го испратија во Оклахома како дел од размена за Пол Џорџ.