Гибоните Делфина и Мики сега живеат заедно во едно живеалиште во скопската Зоолошка градина.
Од Зоолошката информираат дека со голема пожртвуваност на вработените, особено на колешката Зера, и по долги непроспиени ноќи, успеале да ги спојат гибоните Делфина и Мики, кои, како што велат, учат да живеат заедно и самостојно, без човечка помош.
– Двата гибона беа отфрлени од мајката како бебиња и чувани со 24/7 нега, љубов и посветеност. Во консултација со експерти од светски организации за заштита на гибоните, како и Перт ЗОО, кои имаа слична ситуација, а со максимални напори и труд од вработените во Скопје ЗОО – гибончињата Делфина и Мики сега се во заедничко живеалиште и одлично се прифатија еден со друг. За овој значаен подвиг на целиот наш тим добивме пофалба од сите експерти со кои соработуваме – нагласуваат од Зоолошката.
Оттаму додаваат дека ова е само привремен зимски дом, додека тие не се навикнат еден на друг, а понатаму ќе им биде подготвен нов современ и природен простор со отворен дел.
– Се надеваме дека наскоро ќе се вратиме на патот кон ЕАЗА која е наша крајна цел, а гибоните ќе бидат дел од EEP (European Endangered Species Programme) – заклучија од скопската Зоолошка градина.












