Крвав Петровден се случи во Прилеп, 62-годишниот Петар ги повикал на именден внукот од сестра 43 годишниот Панчо и неговиот 13-годишен син Милан, но место гоштавање им приредил смрт. Обдукцијата на починатите треба да утврди кога и како ги убил најблиските роднини, откако кај него пристигнале во саботата попладне околу 15 часот. Драмата што ја потресе земјава траела до неделата по полноќ, кога од Скопје со хеликоптер дошле припадниците на специјалната единица Тигар. Исходот бил кобен, убиецот веќе сам си прсудил, а полицијата, покрај телото на убиецот ги пронашла и неговите жртви, таткото и малолетниот син, смртно застрелани.
Крвав Петровден се случи во Прилеп, 62-годишниот Петар ги повикал на именден внукот од сестра 43 годишниот Панчо и неговиот 13 годишен син Милан, но место гоштавање им приредил смрт. Со мисли дека конечно ќе ги закопаат секирите, поради семејните недоразбирања околу куќата, таткото и синот, во саботата попладне околу 15 часот, отишле на именден кај вујкото, кој претходно телефонски ги поканил во неговиот дом, со молба да го донесе и детето да го види. Луѓето што живеат во непосредна близина на куќата на убиецот, раскажуваат дека првите истрели ги слушнале околу 16 часот, и сè до моментот кога дошла специјалната полициска единица да го неутрализира напаѓачот, живееле во страв и паника, уште повеќе што убиецот во раката држел бомба и се заканувал дека ќе ја активира.
Дека нешто лошо вујкото направил објавил на својот фејсбук-профил доцна попладнето. „Мојата сестра и нејзиниот син… Ми украдоа и одзедоа скоро сè, останатото им го дадов сам, но… Не играјте си со оние што немаат што да изгубат!, напишал Петар на својот профил, кој, пак, изобилува со ликови и настани од комунистичките режими и актуелни левичарски лидери. Сомнението дека нешто им се има случено на таткото и синот, пријавила сопругата, односно мајката на детето, околу 21 часот бидејќи не се јавувале на мобилниот телефон, а семејниот автомобил сè уште бил паркиран пред домот на вујкото.
„Таткото и синот отишле во куќата на вујкото на улицата „Стеван Апостолоски“ околу 15 до 16 часот. Освен вујкото немало никој друг во куќата. Инаку, претходно вујкото му ја препишал куќата на внукот. Не се знае што се случувало наредните часови само се знае дека таткото и 13-годишниот син биле убиени со пиштол пред да стигне полицијата околу 22 часот. Ова е утврдено зашто соседите слушнале истрели“, изјави во неделата за локалните медиуми прилепскиот јавниот обвинител Стевчо Биноски.
После 22 часот саботата вечерта пристигнала полициска патрола која се посомневала во заложничка драма за која исходот сè уште не бил познат. Никој не се одзвал на прозивките, по што полицајците ја отвориле влезната врата. Однатре убиецот им фрлил бомба, која почнала да чади, но среќа, не експлодирала. Полицајците се разбегале надвор, а убиецот почнал да пука кон нив при што настанала престрелка. Полицијата возвратила на пукањето и покрај сознанијата дека внатре можеби има потенцијални заложници за кои сè уште не се знае дали се живи или мртви?! Околу еден час по полноќ, веќе недела, на помош со хеликоптер од Скопје, пристигнале специјалци од единицата Тигар. Неуспешен бил обидот жив да го обезбедат убиецот бидејќи тој веќе сам си пресудил, пукајќи си со огнено оружје.
„На 13.07.2025 во 01:20 часот од страна на полициски службеници од ОВР Прилеп во присуство на јавен обвинител бил извршен увид на ул.„Стеван Апостолоски “ во Прилеп при што од увидот констатирано било дека во куќа со приземје и кат со дворно место пред влезната врата како и во домот беа пронајдени чаури од огнено оружје , како и влезно излезни траги од проектили. Во ходникот на подот пронајдена била и една рачна бомба М93. Исто така на влезот од собата пронајден бил пиштол калибар 9 мм и пиштол калибар 7,65 мм , документи, парични средства како и договори за имот и останати документи“ информираат од МВР за семејната крвава драма во центарот на Прилеп
Јавниот обвинител издаде наредба за обдукција на починатите, како и за прибирање на сите траги, оружје и муниција пронајдени на лице место кои ќе бидат предмет на вештачење. Од прилепското ЈО велат дека направен е увид и според првичните сознанија, 63-годишникот најпрво го лишил од живот својот внук од сестра и неговиот син, поради семејни недоразбирања и нерасчистени имотни прашања. По извршување на делото, мотивите за стореното ги објавил и на една социјална мрежа, а потоа се самоубил.
Под објавата на „Фејсбук“ со која Петар го објавува крвавиот пир, луѓето во коментари го осудуваат грозоморниот чин. „За што ти беше криво детето?… Што ти беше мајката крива та да остане без чедо?! Ти имаше 63, а ангелот само 13 години. Мајка доживотно во црнина остави, а ти се спаси. Овој коментар ниту може да го прочита ниту, пак, да одговори, но… Порака до сите нас!!! Приберете си ги мислите, разумно размислувајте колку и да е тешко. Никогаш не посегнувајте по невини луѓе поради алчноста“.Трагедијата во Прилеп, која заврши со загуба на три животи, од кои едниот е на дете, ја потресе јавноста во целата држава.
Настаните со несреќен крај кои зачестија во последно време го издигнуваат прашањето од потребата од подобра заштита на животот и безбедноста на граѓаните, реагираат од опозицијата.
„Сведоци сме на низа убиства, престрелки, ликвидации и закани кои ја погодија Македонија во изминатата година. Преку 25 убиства и обиди за убиства, оружје на секој чекор, нарко-кланови кои слободно оперираат, а полицијата наместо да ги спречи ги штити. Системот е парализиран, криминалците управуваат со улиците, а власта со своето молчење и неспособност им овозможува тоа да се случува. Министерот Тошковски со месеци зборува за „намален криминалитет“, а Македонија секојдневно е потресена од убиства, рекоа СДСМ и побараа оставка од министерот за полиција. (П.А.)