Од јавното претпријатие „Комунална хигиена“ тврдат дека континуирано спроведуваат секојдневно миење на булеварите и на поголемите улици во градот Скопје, со употреба на автоцистерни. Граѓаните, пак, се жалат дека не виделе цистерни со децении

 

Хигиената и натаму е проблем број еден за скопјани. Ѓубрето наместо во контејнерите, е расфрлано околу нив. Најлони, фолии, догорчиња насекаде и секојдневно никнуваат нови депонии. Топло е, а смрдеата од кантите и исцедоците од органско ѓубре, особено во време на лубениците, е неподнослива. Граѓаните се жалат дека не се мијат улиците и оти не може, како некогаш, да се видат цистерни, кои ги одржуваат сообраќајниците и тротоарите чисти.

– Ѓубре насекаде, нечисти улици, неискосени тревници, неискастрени дрвореди насекаде … – коментираат скопјани на социјалните мрежи и прашуваат кога последен пат се измиени улиците во градот и во населбите.

Други, пак, додаваат: „Дали е измиена пешачката и велосипедска патека од училиштето ‘Наум Наумовски-Борче’ кон надвозникот кај „Агросервис“, од страната на слаткарницата во Маџари?“ Трети, пак, шеговито одговараат на тоа дека ни централниот дел на градот не се чисти, не, пак, другите населби. Пишуваат: „Од осамостојувањето на Македонија, а дотогаш улиците се миеја рано наутро или доцна навечер “.

Од јавното претпријатие „Комунална хигиена“ тврдат дека    континуирано спроведуваат секојдневно миење на булеварите и на поголемите улици во градот Скопје, со употреба на автоцистерни.

– Миењето со автоцистерни се реализира во доцните вечерни часови, во рамките на третата смена, кога е намалена и фреквенцијата на возила и на пешаци на сообраќајните површини – децидни се од претпријатието.

И покрај безбројните поплаки од граѓаните за нечистотијата, од јавното претпријатие „Комунална хигиена“ велат дека во согласност со динамиката утврдена со Оперативната програма за собирање и транспортирање на комуналниот отпад, ги празнат контејнерите поставени на јавни површини седум пати во неделата, додека отпадот од куќите се собира два пати во неделата, според однапред утврден распоред по денови.

Граѓаните сведочат дека не е вистина оти редовно се собира сметот.

– Кај нас, во населбата Ченто, нема ред во собирањето на сметот. Некогаш не доаѓаат ниту еднаш во неделата, па се случува да стои ѓубрето и по десет и повеќе дена. Или, пак, се случува да дојдат друг ден, а  не во среда и во сабота, и тоа многу рано, па да не можеме да ги изнесеме кантите за да бидат испразнети. Не е во ред што ни се случува ова. Зошто плаќаме, а не добиваме соодветна услуга? Ајде да не плаќаме, тоа треба да го направиме сите, а не да се давиме во ѓубре. Замирисавме веќе, повеќе не се трпи ова – вели револтирана жителка од оваа населба. 

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ