Ги распарчиле милионерот и неговата сопруга и ги закопале останките: Откриено е кој стои зад морничавото злосторство

177

Рускиот крипто милионер Роман Новак (38) и неговата сопруга Ана беа брутално убиени во Обединетите Арапски Емирати, а „Дејли меил“ објави нови детали за бруталното злосторство.

Тројца Руси кои се осомничени за киднапирање на брачна двојка, а потоа распарчување и закопување на нивните останки во пустина, завршија во притвор.

Тоа се Константин Шахт (53), поранешен истражител за убиства кој станал шверцер на дрога, Јуриј Шарипов (46) и Владимир Далекин (45), поранешни војници кои се бореле во војната против Украина.

Се сомнева дека се претставиле како лажни инвеститори и го намамиле парот во стапица. Откако ги киднапирале, побарале од Новак да му ја предаде лозинката за неговиот крипто-паричник. Милионерот не се спротивставил, но проблемот бил што паричникот бил празен, односно без никакви криптовалути. Бидејќи парот не успеал да го собере откупот од други извори, киднаперите ги убиле, а потоа ги распарчиле и ги закопале.

„Полицијата во Емиратите пронајде траги од крвта на Ана Новак во вилата, крв во изнајмениот автомобил, колекција ножеви во близина на местото на злосторството, како и маица на еден од организаторите“, објави медиумот Фонтанка. Осомничениот ќе остане во притвор до 28 декември, а се верува дека уште пет руски државјани, сите под 25 години, се поврзани со овој ужасен случај.

Да потсетиме дека двојката исчезна пред околу еден месец, откако отишле на состанок со „инвеститори“ во планинското одморалиште Хата во Дубаи. Тие немале поим дека станува збор за стапица.

Медиумите истакнуваат дека Новак испраќал пораки до контактите на својот мобилен телефон и навел дека е заглавен на границата со Оман и дека итно му се потребни 175 илјади евра. Истражителите истакнуваат дека телефонските сигнали биле лоцирани во Хата, а потоа во Оман и Кејптаун, по што исчезнале на почетокот на октомври. Сепак, сега се верува дека убијците намерно ги вклучиле телефоните за да ги збунат истражителите.

Во времето на неговото исчезнување, Новак беше под истрага поради сомнение дека украл повеќе од 44 милиони евра од крипто инвеститори на кои им продал приказна за „развој на бизнисот“. Рускиот извештај вели дека меѓу жртвите имало претприемачи од Кина и Блискиот Исток.

Новак, исто така, се фалел дека има богата мрежа на богати контакти, вклучувајќи го и милијардерот Павел Дуров, сопственик на социјалната мрежа Телеграм. „Тој имаше дарба да се претстави како некој што работи на исто ниво како Дуров и арапските шеици. Всушност, Новак беше едноставно талентиран манипулатор кој успеа да ги убеди луѓето да предадат стотици милиони долари“, напиша рускиот дневен весник „Комсомолскаја правда“.

 

ИЗДВОЕНИ