Претседателот на Здружението „Еснаф“, Бујар Дулови, раскажува за весникот ВЕЧЕР како изгледа еден обичен работен ден во Старата скопска чаршија. Присетувајќи се на старите времиња, вели дека работното време не почнува толку рано како некогаш, кога се отворале дуќаните во 6:00 часот наутро, и жали затоа што многу од занаетите во Чаршијата изумираат и што воопшто ги нема. Повеќе ги нема папуџијата, крзнарот и казанџијата. Причина за замирањето на старите занаети, според извршната директорка на Занаетчиската комора на Град Скопје, Анета Атанасовска, е тоа што тие не носат приход колку што им е потребен на младите, додека, пак, Дулови го вперува прстот кон државата, бидејќи дозволила да се увезува евтина стока, па се намалил интересот за рачно изработување разни производи

 

Старата скопска чаршија повторно го враќа својот стар шмек.  Одблесокот од сонцето (додека сè уште го има) од нејзината калдрма повторно ги мами скопјани да седнат и да испијат кафе, да јадат ќебапи и да поразговараат во пријатниот и несекојдневен амбиент.

– Во последните години, во Чаршијата има многу посетители и домашни, но и странски туристи. Таа навистина заживеа. Има врволици луѓе не само за викендите туку и во работните денови – потврдува Анета Атанасовска, извршен директор на Занаетчиската комора на Град Скопје.

Она што ѝ дава особено значење се занаетчиите со традиционални занаети. Меѓу нив има што изработуваат филигран, златари, шапкари, ковач, часовничар, клучар, бојаџија и други.

За жал, дел од занаетите веќе изумреа, иако се значајни за македонската традиција.

Повеќе ги нема папуџијата, крзнарот и казанџијата.

– И дел од занаетите што сè уште се одржуваат во Старата скопска чаршија, за неколку години ќе ги снема. Ќе нема кој да ја продолжи занаетчиската традиција. Како што завршува работниот век на занаетчијата така се затвораат и неговите дуќани. Но, за разлика од нив, други занаети се многу поатрактивни за младите, кои се заинтересирани да бидат дел од нив, како што се: дизајн на облека, на мебел, козметичар, автомеханичар, организација на настани, груминг салони и друго – објаснува Атанасовска.

Претседателот на Здружението „Еснаф“, Бујар Дулови, е разочаран од состојбата. Вели дека денот во Чаршијата не почнува толку рано како некогаш, кога се отворале дуќаните во 6:00 часот.

– Има сè помалку интерес порано да почне работата во дуќаните. Некогаш, чираците во 6:00 часот ги чистеле дуќаните, додека еснафите го пиеле првото утринско кафе и разменувале идеи. Веќе во 7:00 часот се почнувало со работа – раскажува Дулови, кој има менувачница во Старата скопска чаршија, која се одржува како традиција. 

Жали што изумираат многу од занаетите во Чаршијата и што воопшто ги нема.

– Имаме еден јорганџија, двајца ташнари, четворица ковачи, чевлар веќе нема, нема ниту преработувач на кожа, нема ниту самарџии. Меѓу оние што се атрактивни занаети е златарскиот, но и филигранството. Самото тоа што се увезува евтина стока, придонесува да замираат занаетите. Кој има сметка да прави рачна изработка? – реагира Дулови, вперувајќи го прстот кон државата, бидејќи таа го дозволила тоа, но и кон Министерството за култура и туризам, кое, како што вели, нема планирани активности да се зачуваат старите традиција и култура, како што се одредени придобивки за да може да се отворат старите дуќани и за да се зачува нивниот идентичен изглед, со што би станале попримамливи и за туристите.

Причината за замирањето на старите занаети, според Атанасовска, е и тоа што тие не носат приход колку што им е потребен на младите.

– Доколку постои законска можност тоа да им биде дополнителна дејност, секако дека младиот човек би бил заинтересиран,  покрај со основната дејност со која се занимава, да се посвети на некој од старите занаети. Освен тоа, ослободувањето од плаќање одредени даноци и придонеси за старите занаети би значело причина повеќе младите да се насочат кон нив – смета Атанасовска.

За да се привлечат младите кон занаетите, Занаетчиската комора на Град Скопје организира обуки по барање на граѓаните.

– Имаме простор во Занаетчиската комора каде што се вршат тие обуки. Секоја година во мај, правиме мини кампања за занаетчиството во основните училишта на територијата на Град Скопје, во рамките на која се презентираат сите стручни училишта, така што младите имаат можност да го изберат  своето идно занимање – објаснува Атанасовска.

(А. П.) 

 

ИЗДВОЕНИ