Наместо да ја зголемиме вредноста на домашните земјоделски производи и да ги продаваме како преработки, ние ги извезуваме сурови. На овој начин губат не само земјоделците туку и индустријата и државата, бидејќи можеме да заработиме многу повеќе со производство на готови производи. Агроекспертите посочуваат дека треба да се отворат повеќе нови преработувачки капацитети во државата и да извезуваме повеќе брендирани производи. Нашето земјоделско производство е квалитетно и зошто да го даваме на некој друг, кој ќе прави преработки од него и ќе ни ги продава на нас?
– Немаме доволно преработувачки капацитети. Ние се радуваме ако ги извеземе јаболката по 11 денари, но треба да се радуваме ако ги преработиме и добиеме домашен сок од нив наместо да ги извезуваме сурови и да увезуваме сок од нив. Не е исто да извезете суров земјоделски производ и да го преработите и да го продадете како бренд со поголема додадена вредност. На тој начин ќе има поголема заработувачка и за земјоделците, и за преработувачката индустрија и за државата – изјави за весникот ВЕЧЕР Васка Мојсовска од Агробизнис комората.
Така, на пример, поранешната фабрика „Македонија“ од Неготино, која беше препознатливо име и ја снабдуваше цела поранешна Југославија со преработки од земјоделски производи, сега е оставена на забот на времето.
Поради тоа, Мојсовска смета дека е потребно да се олесни пристапот до финансиски средства и земјоделците да можат да ги преработуваат земјоделските производи и да ги продаваат како готови производи.
– Потребни се поголем број мали преработувачки фабрики и дестилерии во руралните средини, кои ќе придонесат да се раздвижи руралната економија и да се намали миграцијата од село во град. Кампањата „Купувајте домашни производи“ треба да се прошири и да важи и за преработките. На тој начин ќе имаме повеќе преработувачки капацитети и повеќе преработки – појаснува Мојсовска.
Наместо постојано да се жалиме дека е намалено земјоделското производство, таа вели дека е потребно да му ја зголемиме вредноста на она земјоделско производство што го имаме со тоа што ќе го извезуваме како готов производ. На пример, наместо грозје, да извезуваме повеќе вино; наместо јаболка – сокови, џемови, слатка; наместо сливи – дестилат…
И Набил Ганги, заменик регионален претставник на ФАО за Европа и за Централна Азија и шеф на Канцеларијата на ФАО во Македонија, во интервјуто за МИА по повод Светскиот ден на храната, 16 Октомври и 80 години од основањето на ФАО, вели дека се потребни трансформација на македонското земјоделство и полесен пристап на малите земјоделци, жените и младите до иновации, нови технологии и современи вештини.
– Нашиот фокус е цврсто насочен кон иднината: трансформација на македонското земјоделство кон поинклузивни и поодржливи агропрехранбени системи, усогласени со стандардите на Европската Унија и со целите за одржлив развој. Зголемувањето на продуктивноста, конкурентноста и на отпорноста на земјоделството ќе остане главна цел. Тоа значи справување со расцепканоста на земјоделското земјиште, малите фарми и застарената инфраструктура, кои ја ограничуваат продуктивноста и придонесуваат за депопулацијата во руралните средини – вели Ганги.
Во таа насока, истакна дека ФАО ќе продолжи да ги поддржува структурните реформи, проширувањето на консолидацијата на земјиштето, другите инструменти за подобрување на структурата на стопанствата, зајакнувањето на семејните фарми, модернизацијата на земјоделската инфраструктура, истовремено поддржувајќи одржливо управување со природните ресурси и климатска адаптација во земјоделството.
(А. С.)