„Ги изгоревте децата со вашата алчност и негрижа“

„Маршот на ангелите“ во Кочани

117

Голем број сограѓани им се приклучија на семејствата на загинатите во пожарот во Кочани, на протестот што се одржа во саботата. Иако на зборното место, Паркот на Револуцијата, од каде што почна „Маршот на ангелите“, тргнаа најблиските, сепак како што поминуваа по главната улица, поворката стануваш сè поголема. Тивко и молкум, мирниот протест го предводеа мајките, со сликите од своите загинати чеда, стегнати на градите. Во знак на протест врамените ликови од нивните деца ги издигнуваа високо колку што можат во моментите кога застануваа пред обвинителството, полицијата и општината. Младите роднини и пријатели на жртвите, пак, преку транспаренти го изразија револтот од системот и народните избраници  „Ги изгоревте децата со вашата алчност и негрижа“, „Пратеници голема (не)благодарност за поддршката“, присутните го искажаа револтот и незадоволството од бавната, задоцнета и селективна реакција на надлежните институции. Немаше јавно обраќање на ниеден родител од децата кои ги загубија животите.

Во знак на почит беше одржана трка на келнери, бидејќи дел од жртвите работеа како бармени во дискотеката „Пулс“ каде што во пожарот пред два месеци загинаа 62 млади луѓе. Трчаа со послужавници на кои носеа поголема и помала чаша со вода.

„Трчаме за нашите келнери кои ги загубија животите или беа повредени, луѓе кои работеа со насмевка, со брзина, со пожртвуваност и кога дојде најтешкото беа таму до крај. Со оваа трка симболично трчаме за нив, го носиме нивното сеќавање со секој чекор, го носиме нивното достоинство во секој аплауз што ќе го добијат нашите колеги. Ја делиме истата болка со нивните родители, со нивните браќа, сестри, партнери и пријатели, нивната загуба е и наша загуба, нивната тишина е наше ехо. Денеска ќе покажеме дека келнерството не е само професија, туку давање сè од себе секој ден. Ние не молчиме, ние стоиме заедно со сите родители, со сите пријатели. Собраните средства се важни, но уште поважна е пораката дека никогаш нема да ги заборавиме, нивните приказни ќе живеат низ нас. Затоа оваа трка нека заврши тука, нека остане традиција, нека биде глас на солидарност, за сите херои кои животот го оставија, со љубов и длабока почит, ова ќе биде за вас, истакна во говорот пред почетокот на трката организаторот.

Кочанчани се солидаризираат и преку платформата „Супорт Кочани“, која според нејзините иницијатори се создала на денот на погребот на загинатите. Преку нивните пораки се централизира собирањето и распределбата на собраните средства. Од оваа организација алармираат дека во кочанската болница нема услови за третман на повредените.

„Значи, има деца што се со отворени рани, имаме информација дека има деца со бактерии, имаме деца со некоја инфекција. Ние можеме да ги поканиме сите институции да дојдат и да видат, да ги прошетаме низ болницата, да видат каква е ситуацијата и како тие деца се лекуваат. Тоалетите во болницата да ги видат, да видат каква е структурата таму, дали има потреба од санација. Ние ја имаме реалната слика, ние сме таму, комуницираме со децата, со родителите, со засегнати, со сите, така што, сите можат да дојдат и заедно да видиме како можеме да помогнеме, бидејќи знаеме дека условите не се како што се претставени“, вели Марко Димитриев од „Супорт Кочани“ за Радио слободна Европа, кој порача дека родителите на загинатите бараат правда и одговорност и не сакаат селективна правда, туку да се истера работата до крај. (П.А.)

Левица: Кочанската болница итно да се зајакне, пациентите од пожарот се третираат во нехумани услови

По трагичните настани во Кочани, сведоштвата на преживеаните пациенти откриваат алармантна состојба во кочанската болница. Над 120 пациенти се третираат во импровизирани услови, без основна медицинска и психолошка поддршка, а натчовечките напори на медицинскиот персонал се единствениот столб врз кој се потпира системот, велат од Левица.

„Итно е потребна реорганизација и сериозно зајакнување на капацитетите на болницата. Формираниот кризен штаб при Министерството за здравство исчезна од јавноста веднаш по трагедијата, а нема информации дали и понатаму функционира. Владата мора да постави стручен тим што ќе биде постојано присутен на терен, кој ќе комуницира со персоналот и ќе реагира во реално време на секој пропуст“, предупредуваат од Левица.

ИЗДВОЕНИ