Гевгелија ќе добие параклис посветен на свети архангел Михаил

Донација од МПЦ – ОА, Повардарска епархија

148
Верскиот објект „Параклис посветен на св. архангел Михаил“ ќе биде со вкупна нето-површина од осумдесет квадратни метри, со трем од 8,50 квадрати, просторот за верници ќе биде со површина од педесетина квадрати, а површината на олтарот ќе биде 24 квадратни метри. Висината на објектот, заедно со крстот, ќе изнесува 15,77 метри

 

Во Гевгелија, на просторот на новиот градски парк близу булевар „Гевгелија“, наскоро ќе започне изградбата на новото спомен-обележје – „Параклис посветен на св. архангел Михаил“. Станува збор за целосно нов верски објект. За подигање на ова обележје одлука донесе Советот на општина Гевгелија согласно со програмата за одбележување на значајни настани и истакнати личности од Гевгелија за периодот 2024 – 2029. Спомен-обележјето ќе биде донација од МПЦ – Охридска архиепископија, Повардарска православна епархија Велес, со вкупна вредност од 10.127.554 денари.

По спроведувањето на Јавниот конкурс за изработка на идеен проект за подигање спомен-обележје „Параклис посветен на св. архангел Михаил“ во Гевгелија, Одборот за подигање на истото спомен-обележје ја разгледа единствената апликација и констатираше дека проектната документација ги исполнува условите од Конкурсот. Основниот проект за изградба на Параклисот е изработен од градежната фирма „Слемепроект“ од Штип, чиј сопственик е архитектот, дипломираниот инженер Благој Здравев од Штип. Оваа фирма се јавува и како проектант, покрај другите, и на црквата „Света Лидија Македонска“ во населбата Ченто во Скопје, велешката црква „Св. Јован Крстител“ во месноста Багремче во најновиот дел на Велес, како и црквата „Св. Атанасиј Велики” во Богданци.

Верскиот објект „Параклис посветен на св. архангел Михаил“ ќе биде со вкупна нето-површина од 79,30 квадратни метри, од кои на тремот ќе отпаднат 8,50 метри квадратни, просторот за верници треба да е со површина од 46,98 квадратни метри, додека површината на олтарот ќе биде 23,90 квадратни метри. Висината на објектот, заедно со крстот ќе изнесува 15,77 метри.

Како што ни изјави протоереј отец Љупчо Миланов од Гевгелиското архиерејско намесништво, идејата за изградба на ваков нов верски објект во општина Гевгелија веќе подолго време била присутна меѓу верниците, како и помеѓу целокупното гевгелиско свештенство. Покрај постојните две цркви во самиот град Гевгелија, „Вознесение Христово“ и „Свети Кирил и Методиј“, со ширењето на градот во насока запад-северозапад, се создаде, вели Миланов, потреба за изградба на нов верски храм.

Архангел Михаил е водец на небесните војски кој секогаш се јавувал на местата на кои се јавувала и Богородица, така што претставува небесна сила и заштита на земјата. По црковните преданија, ангелот Михаил прв стапил во борба со лошиот дух и во тоа име по црковно толкување означува „оној кој е како Бог“. Во многу христијански кругови Свети Михаил се смета за заштитник на борците, полицајците и војниците. (Љ. А.)

 

ИЗДВОЕНИ