Свети Спасе зелен класе! Свети Спасе коња кове, коња кове за полето, да си иде ју полето, да си види берикето, арен ли е, добар ли е, или си е како што е? Море мале, стара мале, есеното са класуе, пролетното са никнуе. Љутен ојде смешен дојде, свети Спасе зелен класе!
Камбаните од црквата „Свети Спас“ во Гевгелија и оваа среда, на 28 мај 2025 година, на зајдисонце, ќе го означат почетокот на одбележувањето на заштитникот на Гевгелија – Спасовден. Црквата, како што тоа го правела години наназад, под својот покрив ќе ги собере верниците кои ќе преспијат тука, кој за здравје, кој за среќа, кој за бериќет. Наместо курбанот, кој се давал порано, пред да заспијат ќе каснат од убавото црквено гравче. Оние другите, со своите деца, ќе ги обиколуваат до доцна во ноќта поставените тезги со разни дребулии, ќе купуваат потребни и непотребни ситници. Децата ќе се возат на рингишпилите, држејќи во раката стапче со слатка шеќерна виолетова волна, која ќе им се лепи на обравчињата, додека повозрасните ќе седнат во импровизираните кафеани на отворено, да каснат од скарата и да се напијат од пивото.
Таква е сликата на сите панаѓури ноќта спроти празникот на Христовото вознесение – Спасовден. Така ќе биде и оваа година.
Празникот на Христовото вознесение – Спасовден се празнува 40 дена по Велигден и секогаш е во четврток. Четириесет дена по Воскресението, Спасителот го остварува она што го вети од почетокот. Се врати при Својот Отец за да го испрати при учениците духот на вистината.
Христово Вознесение е и патронен празник на градот Гевгелија. Повод за преземање на христијанскиот празник свети Спас за патрон на Гевгелија е токму и називот на најстарата црква, воедно и манастир во Гевгелија – „Свети Спас„.
На старите гробишта, во близина на манастирот е погребан војводата Леонид Јанков, од село Мачуково, легендарен по песната „Трба Трби Гевгелиско“.
Со празникот Спасовден се поврзани голем број обичаи и верувања. Истражувачите на празничните обичаи и верувања истакнуваат дека времето кога се празнува Спасовден отприлика се совпаѓа со времето кога во претхристијанскиот период се празнувал празникот на божеството Спас, кое меѓу многуте божества ја имало улогата на заштитник и спасител на луѓето. Се верувало дека врховниот бог Перун од небото испраќал молњи и громови како и градоносни облаци, а божеството Спас со житен клас во раката ги спасувало посевите.
Заштитникот на Гевгелија – Спасовден и годинава ќе биде одбележан со богата културно-уметничка програма. Одбележувањето на патронот на Гевгелија започна во понеделникот, на 26 мај со Етно панаѓурот во Пионерскиот дом и Концертот на Ансамблот Бојмија во Народниот театар во 20 часот.
На 27 мај (вторник) продолжи Етно панаѓурот од 9 до 17 часот, додека од 18,30 часот во дворот на манастирот „Свети Спас“ се одржа Академија на духовна музика, на која настапија Градскиот мешан хор „Гортинија“ од Гевгелија и Камерниот црковен хор „Св.Великомаченик Пантелејмон“. Во среда, на 28 мај со почеток од 20 часот, не очекува Концертот „Трибјут на Џанго Рејнхард“, на Градскиот плоштад со Филип Динев, Филип Иванов, Оливер Јосифовски и Ристо Ивановски.
На 29 мај, четврток, во 12, 30 часот во Угостителската сала на СОУ „Јосиф Јосифовски“ ќе бидат претставени 4 видеа „Моја Гевгелија“ на ЗГ „Од станица до граница“, додека во 19 часот во Уметничката галерија „Амам“ ќе биде отворена Изложбата на Друштвото на Ликовните Уметници Гевгелија.
Чествувањето на празникот „Свети Спас“ завршува во петок, на 30 мај, во 19 часот, со манифестацијата „Распеана чаршија“, вечер на староградски песни и музика, на платото пред Народниот театар.