недела, јули 12, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Гевгеличани учеа како се прави сито печат на хартија и текстил, се...

Гевгеличани учеа како се прави сито печат на хартија и текстил, се подготвува вајарската колонија 

153

Инаку, во просториите на Работничкиот универзитет дејствува Центар за култура и дејности од областа на културата, во кој се одржуваат работилници и предавања, ликовни изложби, изложби на стрипови, ликовни колонии, музички настани, проекции на филмови, промовирање на литературни дела. Ова пријатно катче станува место каде што гевгеличани, вљубеници во уметноста, имаат можност да го поминуваат своето слободно време во релаксирана атмосфера и воедно да се стекнат со знаења од културата

Со тридневна работилница за печатење на хартија и текстил во сито печат, гевгелискиот Работнички универзитет „Кирил и Методија“ го одбележа својот патронен празник. Универзитетот е со долга традиција на постоење. Формиран е во педесеттите години од минатиот век, и оттогаш па сè до денес, оваа институција поминува низ постојани организациски промени и се приспособува кон различните потреби на општеството и населението. На почетокот, претежно ги задоволуваше потребите на работниците и граѓаните систематски да стекнуваат општи и стручни знаења за работа, а во поново време континуирано работи и на културното издигнување на граѓаните во средината во која дејствуваат.

За текот на работилницата, директорот Дамјан Ѓуров, познат македонски скулптор и ликовен уметник, за весникот ВЕЧЕР  појаснува дека идејата е враќање на Графичката ликовна колонија во пазувите на универзитетот.

– Во проектот учествуваа десетмина заинтересирани граѓани од Гевгелија, кои имаа интерес да ги совладаат основите на сито печатот и да научат како да создадат уникатни дизајни на текстил и хартија. Љубителите на рачните техники го поминаа целиот процес на изработка кој го водеа Биљана Димитрова и Милош Стојановиќ од уметничкиот колектив „Партизанска штампа“ од Скопје. Почнувајќи од подготовка на матрица, нанесување боја и печатење, до финализирање на готовиот производ. Потребата од ваква работилница е во тоа што им отвора можност на учесниците сами да го продолжат процесот во иднина и да станат занаетчии кои во би можеле да го практикуваат ова занаетчиство во Гевгелија, без потреба од машини и современа техника. Да напомнам  дека од изработените дела во сито техника на учесниците ќе биде реализирана изложба во новоотворената галерија на Работничкиот универзитет“, вели Ѓуров.

Инаку, во просториите на Работничкиот универзитет дејствува Центар за култура и дејности од областа на културата во кој се одржуваат работилници и предавања, ликовни изложби, изложби на стрипови, ликовни колонии, музички настани, проекции на филмови, промовирање на литературни дела. Ова пријатно катче станува место каде што гевгеличани, вљубеници во уметноста, имаат можност да го поминуваат своето слободно време во релаксирана атмосфера и да се стекнат со знаења од културата.

Но, Ѓуров најави и нови активности.

– Тоа ќе биде десетдневна вајарска колонија насловена „Фигура“ и ќе се случува од 1 до 10 јуни 2026 година, а на неа ќе учествуваат афирмирани македонски вајари, и тоа Славчо Павловски, Ангел Коруновски, Никола Пијанманов, Андреј Минески, Александар Јанев, Марјан Стојановски и Слободан Милошески. Во склоп на колонијата ќе се одржи и јавна трибина на тема „Модерна скулптура“, на која ќе учествуваат учесниците на колонијата и претставници на Одделот за урбанизам на Општина Гевгелија, претставници од одделот за култура на Општина Гевгелија и сите други заинтересирани граѓани. Овде ќе се дискутира за потребата од професионално обликување на јавните површини, нивно оплеменување, придобивките и потребата од нив за остварување на едно култивирано и модерно општество“, истакна Ѓуров.

Работниот дел од колонијата ќе се одвива во просториите на Работничкиот универзитет. Таму учесниците ќе имаат доволно простор да ги реализираат своите дела. Дел од изработените дела кои ќе бидат изработени од најразлични материјали како мермер, метал, дрво, ќе бидат поставени на градски површини, претходно одобрени од надлежните служби на општината.

(Љ. А.)

 

 

ИЗДВОЕНИ