Во излетничкото место Динќут, крај Гевгелија, денеска се одржува пикник. Многумина гевгеличани, едни пеш, други со велосипед, а повеќето со автомобили, пристигнаа на ова убаво место, обраснато со борови. Предничеа најмладите, кои, дојдени со своите родители, уживаат во рекреација на различните справи за играње.
Настанот замислен како дружење на отворено, во природа, со богата програма која вклучува музика, уметност, и нормално, гастрономија, започна во 12 часот и ќе трае сè до 20 часот. Едни штандови се полни со храна и пијалоци, а други служат за презентација на граѓански организации и за изложба на рачни изработки, со цел да се поддржи локалната креативност и активизам.
Целиот настан е збогатен со интересна музичка програма на диџеи и локални пејачи, а имаше и уметнички перформанс – цртање во живо на уметницата Анамарија Митриќеска-Кал’чева. Сите генерации побегнаа од летните горештини во градот и уживаа во културна, музичка и општествена разноликост, собрани заедно на едно место, под отворено небо.
Пикникот, според неговото значење е оброк на отворено место, каде што луѓето се собираат за да јадат, да се дружат и да уживаат во природата. Честопати вклучува носење храна од дома, ќебиња и други основни работи во парк, градина или друго живописно и излетничко место. Пикниците можат да бидат неформални или планирани настани со семејството, пријателите или колегите. Тие се одлични за релаксација, поврзување и создавање спомени.
(Љ.А.)