Германските компании се повлекуваат од „Икс“

100

Се повеќе компании во Германија ѝ вртат грб на платформата „Икс“, главно поради скептицизмот кон нејзиниот сопственик, Елон Маск. Анкетата на „Битком“ покажува дека и рекламирањето и активноста на X значително се намалуваат, анализира „Дојче веле“.

Помалку објави

Сè повеќе германски компании ги ограничуваат своите активности на социјалната мрежа „Икс“ (порано Twitter) на американскиот технолошки милијардер Елон Маск. Ова е резултат на репрезентативна анкета спроведена од „Битком“ (здружение кое ги обединува германските ИТ компании) меѓу 602 компании со најмалку 20 вработени, пренесува Индекс.хр.

Според анкетата, 58 проценти од компаниите што ја користат „Икс“ објавуваат помалку или воопшто не објавуваат на платформата. Само 32 проценти објавуваат како порано, додека три проценти ја зголемиле својата активност или почнале да ја користат „Икс“ дури откако Маск ја презеде. Четири проценти воопшто не објавуваат содржина.

Севкупно, 27 проценти од анкетираните компании моментално ја користат „Икс“ – пад од 32 проценти во октомври 2023 година. Во тоа време, 43 проценти од компаниите веќе изјавиле дека ја намалиле или прекинале својата активност на платформата.

Резервираност кон Елон Маск

Според „Битком“, клучната причина за повлекувањето е растечкиот скептицизам кон Елон Маск. Речиси две третини (63 проценти) од испитаниците го сметаат за опасен. 74 проценти се спротивставуваат на идејата луѓе со такво влијание на социјалните мрежи да држат (исто така) политичка функција. Две третини (66 проценти) генерално го отфрлаат сценариото во кое активните раководители на големи компании исто така држат политичка функција.

Исто така, има значителен пад во активирањето на платените реклами на платформата на Маск. 51 процент од анкетираните германски компании инвестираат помалку или воопшто не инвестираат во рекламирање на „Икс“. Во 2023 година, овој удел изнесувал 26 проценти. Моментално, само седум проценти поставуваат реклами со ист обем како и пред преземањето на Маск, додека 37 проценти се воздржуваат од рекламирање на неговата мрежа.

„Многу компании се дистанцираат кога некој комбинира огромна економска, политичка и медиумска моќ“, вели извршниот директор на „Битком“, Бернхард Роледер.

Компаниите бараат построга контрола врз „Икс“

И покрај критиките, повеќето компании не планираат целосно да се повлечат од платформата. Само 11 проценти од компаниите со официјален профил на „Икс“ имаат намера да го избришат својот профил оваа или следната година.

Дополнителни четири проценти размислуваат да го „затворат“ својот профил, но без специфична временска рамка. 43 проценти го разгледуваат овој чекор, но во моментов не го планираат или спроведуваат активно. 39 проценти од компаниите сакаат да продолжат да го „негуваат“ својот профил на „Икс“ во иста форма како и претходно.

Севкупно, 85 проценти од сите компании – вклучувајќи ги и оние што не се на „Икс“ – бараат построга контрола врз „Икс“. 80 проценти велат дека платформата го забрзува создавањето поделби во општеството. Само 21 процент веруваат дека Елон Маск ја зајакнува слободата на изразување со „Икс“.

 

ИЗДВОЕНИ