Германскиот министер за надворешни работи, Јохан Вадефул, во вторник, 18 ноември, ќе дојде во Скопје, во рамките на турнејата во земјите од Западен Балкан. Токму во Македонија, тој ќе го заврши своето тридневно патување во регионот. Посетата е дел од дипломатската турнеја што ќе започне на 16 ноември и што ќе опфати шест главни града во регионот: Сараево, Подгорица, Тирана, Белград, Приштина и Скопје, соопштија од германската Амбасада во земјава.
Вадефул ќе биде придружуван од пратеници на германскиот Бундестаг, што ги нагласува важноста на мисијата и интересот на Берлин за политичките и за безбедносните процеси на Западен Балкан.
– Германскиот министер за надворешни работи, д-р Јохан Вадефул, ќе ја започне својата посета на државите од Западен Балкан на 16 ноември. Ќе ги посети Сараево, Подгорица, Тирана, Белград, Приштина и Скопје. Тука, вечерта на 18 ноември, министерот д-р Вадефул ќе го заврши своето патување, на кое ќе биде придружуван од пратеници на германскиот Бундестаг – стои во соопштението од Амбасадата на Германија.
Оттаму додаваат дека оваа дипломатска посета се надоврзува на средбата на министрите за надворешни работи во рамките на Берлинскиот процес и потенцира дека земјите од Западен Балкан претставуваат приоритет во надворешната политика на Германија.












