петок, јануари 30, 2026
Дома СВЕТ Германски комичар се обиде да подигне американско знаме на Гренланд; Градоначалничката: „Не...

Германски комичар се обиде да подигне американско знаме на Гренланд; Градоначалничката: „Не е смешно“/ВИДЕО

32
Foto: Printscreen/X

Градоначалничката на главниот град на Гренланд ги повика медиумските работници и креаторите на содржини да се однесуваат одговорно откако германски комичар неуспешно се обиде да крене американско знаме, предизвикувајќи негодување кај локалните жители. Аварак Олсен им порача на авторите на содржини да размислат двапати пред да се шегуваат за заканите со кои се соочува Гренланд, пишува „Гардијан“.

Баварскиот комичар Макси Шафрот (41) се обиде да крене американско знаме на јарбол во близина на културниот центар во Нук, но беше спречен во тоа од лути минувачи. Кога го прашале што прави, тој тврдел дека е американски службеник, по што се оддалечил, објави репортер на агенцијата Франс-прес од местото на настанот. Локалните медиуми јавуваат дека Шафрот бил пријавен во полиција и казнет.

Градоначалничката: Тоа не е смешно
Аварак Олсен, градоначалничката на округот Сермерсук, на кој му припаѓа и главниот град, остро реагираше на инцидентот. „Кревањето на знамето на воена суперсила, која со недели ѝ се заканува на нашата земја со воена сила, пред нашиот главен културен центар, не е шега. Не е смешно. Тоа е исклучително штетно“, рече таа во соопштението.

Олсен истакна дека жителите на Гренланд, особено децата, се загрижени и исплашени од моменталната ситуација. „Кога ги поттикнувате тие стравови за содржина, кликови или смеа, не сте храбри или креативни. Само додавате на вознемиреност кај веќе ранливото население“, рече таа.

„Затоа, запрете пред да почнете да снимате. Размислете пред да направите нешто „смешно“. Размислете дали вашето следно прашање или потег ќе го информира светот или само ќе расплаче дете и ќе направи семејството да се чувствува помалку безбедно во сопствената земја“, додаде градоначалникот.

Позадина на тензии
Владата на Гренланд веќе некое време работи на намалување на стресот и вознемиреноста кај населението, поттикнати од постојаните закани на Доналд Трамп за окупирање на оваа арктичка територија. Долгорочните територијални планови на Трамп за Гренланд, кој е автономна данска територија, предизвикаа една од најсериозните кризи во историјата на НАТО. Во меѓувреме, тој се откажа од заканата со сила и започна преговори со Копенхаген и Нуук.

Шафрот е познат во Германија по своето учество во сатиричната емисија „Екстра Драј“, која се прикажува на каналот НДР и привлекува повеќе од милион гледачи. Во изјава за германскиот „Шпигел“ и данската новинска агенција „Рицау“, радиодифузерот изрази жалење за инцидентот.

ИЗДВОЕНИ