Германската полиција пронајде експлозив во напуштено возило – се сомнева на ограбувачи на банкомати

23

Германската полиција пронашла експлозив и големи канистри со бензин во уништен напуштен автомобил, оставен на средина од автопатот А4 во близина на Келн, а полицијата се сомнева дека им припаѓал на ограбувачи на банкомати, објавија денес локалните медиуми.

Според првичните наоди, автомобилот со холандски таблички се судрил со друго возило, а очевидци изјавиле дека веднаш по судирот, најмалку две лица во тој автомобил избегале од местото на настанот пеш, објави „Шпигел“.

Откако беше пронајден експлозив во напуштен автомобил во покраината Северна Рајна-Вестфалија, истражителите го поврзаа ова возило со неодамнешните експлозии на банкомати, соопшти полицијата.

Експертите за експлозиви извршија контролирана детонација во блиската шума, а полицијата сè уште не даде други детали за инцидентот.

Автомобилот, кој полицијата го заплени, патувал од холандскиот град Херлен, а несреќата се случила во близина на Фрехен, Германија.

Возачот на другиот автомобил вклучен во несреќата претрпел полесни повреди.

Потрагата по бегалците од напуштениот автомобил продолжува, а полицијата накратко привела две лица, но сомневањата за нивната вина не се потврдени, изјави портпаролот на полицијата.

Во обемната потрага е вклучен и хеликоптер, а автопатот, кој беше затворен за сообраќај неколку часа, е повторно отворен.

ИЗДВОЕНИ