Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, која на 27-ми јули одржа средба со Трамп во неговиот голф-клуб во Тарнбери, Шкотска, посебно е задоволна од постигнатата спогодба, за којашто таа цени дека ќе придонесе за стабилноста и предвидливоста што им ја обезбедува на бизнисите и на потрошувачите. ЕУ беше свесна дека спогодбата ќе биде во корист на САД, но фон дер Лајен им напомена на новинарите да „не заборават од што појдовме,“ посочувајќи на високите царини со коишто се закани Трамп и што достигнуваа и до 50 проценти.
„Со спогодбата успеавме да го спречиме трговскиот спор што силно ќе ја погодеше германската економија што е насочена кон извоз,“ изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц во соопштението од 27-ми јули. „Тоа ни овозможи да ги заштитиме нашите клучни интереси, иако јас посакував да има поголемо олеснување во прекуатлантската трговија.“
Блумберг Економикс проценија дека просечната ефективна царинска стапка на 1-ви август ќе се зголемеше на близу 18 проценти, од сегашните 13,5 проценти. Со спогодбата, таа стапка се сведува на 16 проценти.
Пред последниот трговски спор, ЕУ процени дека просечната царинска стапка ќе изнесува околу 1 процент на двете страни.
Вредноста на еврото во споредба со доларот постојано се намалуваше во последните две месеци, за на 28-ми јули да падне за 1 процент, на 1,16 долари за евро. Тоа е најголем пад од 12-ти мај, со што еврото е најслаба меѓу главните светски валути.
Претставници на германската индустрија предупредија дека автомобилската индустрија поради спогодбата ќе биде изложена на влијанија и ќе ја намали конкурентноста на европските компании.
„Спогодбата претставува несоодветен компромис и испраќа погубен сигнал до економиите од двете страни на Атлантикот што тесно се испреплетени,“ кажа Волфганг Нидермарк, член на извршниот одбор на германското индустриско здружение БДИ. „ЕУ прифаќа царински стапки што се болни. Дури и стапката од 15 проценти ќе предизвика огромни негативни последици врз германската индустрија што е ориентирана кон извоз.“
Франција имаше повеќе борбен став при преговорите и укажа дека спогодбата ќе донесе стабилност, но исто така препорача да се активира инструментот за анти-коерција на ЕУ, којшто ќе иницира големи санкции кон САД, ќе ги погодува технолошките компании од САД и ќе ги изземе тамошните фирми од јавните набавки во Европа.
„Да биде јасно: тековната ситуација е незадоволителна и не може да биде одржлива,“ објави на својот профил на друштвените мрежи францускиот министер за европски работи Бенџамин Хадад. „Слободната трговија што донесе просперитет од двете страни на Атлантикот, од завршувањето на Втората светска војна, Соединетите Држави сега ја отфрлуваат и избираат економска коерција и целосно непочитување на правилата на СТО.“
Холандската министерка за трговија со странство Ханеке Боерма кажа дека спогодбата „не е идеална“ и повика Комисијата да ги продолжи преговорите со САД.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој институциите во Брисел долго време го сметаа како трн во око, зазеде уште поостар став и ја критикуваше фон дер Лајен за потчинувањето под претсесдателот на САД.
„Јасно е дека тоа не е договорот што Доналд Трамп го постигна со Урсула фон дер Лајен,“ изјави Орбан во онлајн-интервјуто со провладин инфлуенсер на 28-ми јули. „Доналд Трамп ја изеде фон дер Лајен за доручок. Преседателот на САД е преговарач од тешка категорија, Мадам Претседателка е пердув лесна.“
Словачкиот премиер Роберт Фико, кој обично му се придружува на Орбан во критиките кон ЕУ, кажа дека 15-те проценти се „добар исход од преговорите,“ иако тој предупреди дека ѓаволот се „крие во деталите“.
Словачката автомобилска индустрија учествува со околу 10 проценти во БДП на земјата и вдомува фабрики на Фолксваген, Стелантис, Киа и Џагјуар Ланд Еовер, заедно со огромна мрежа од добавувачи.
На трговските спогодби обично им претходат долги години во преговори и опфаќаат илјадници страници текст. Спогодбата меѓу ЕУ и САД е сиромашна со детали и од неа досега нема ништо во пишана форма.
„Фокусот сега е насочен кон ризиците од интерпретација и имплементација, што може да произведе низа политички и технички прашања,“ кажува Карстен Никел, заменик директор за истражување во Тенео. „Имајќи ја предвид природата на спогодбата, голема е веројатноста дека постојат големи недоречености.“
ЕУ се сложи за набави производи од енергетиката од САД во вредност од 750 милијарди долари, да вложи 600 милијарди во САД, дополнително на тековните вложувања, да ги отвори земјите за бесцаринска трговија со САД и да набави „огромни количини“ воена опрема, кажа Трамп.
Клучно за спогодувањето на царинската стапка од 15 проценти беше Унијата да вети вложување во САД, велат лица што се упатени во состојбите.
Клеменс Фуест, претседател на германскиот институт за економско истражување Ифо, цени дека спогодбата е „понижување“ што ја прикажува нерамномерноста во моќта меѓу ЕУ и САД.
„Европејците мора да се разбудат, да се фокусираат повеќе на економнската моќ и да ја смалат својата воена и технолошка зависност од САД,“ напиша Фиест на друштвените мрежи. „Потоа може да се преговара.“
Францускиот премиер Франсоа Бајру има уште поостар тон околу новата спогодба.
„Ова е црн ден, кога алијансата на слободни луѓе, што се обединети да ги афирмираат своите вредности и да ги заштитат своите интереси, избира да биде потчинета,“ напиша премиерот на друштвените мрежи.