Германската водечка технолошка компанија, „Хајделберг постпрес“, планира да отвори нов производствен погон во Македонија, при што вчера, во дирекцијата за ТИРЗ, биле разгледани ТИРЗ Скопје и ТИРЗ Штип како потенцијални локации.
Директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Гоце Димовски, посочи дека постојано се работи на подобрување на условите во зоните и беше нагласена стратешката локација, како и даночните поволности што се достапни за инвеститорите. Тој додаде дека интересот на ваква реномирана компанија претставува силна потврда за атрактивноста на Македонија и на ТИРЗ како локација за странски директни инвестиции. Како што рече Димовски, вложувањето во напредни технологии и висока додадена вредност е приоритет, а соработката со компании што имаат долга традиција и глобално присуство ќе донесе значајни придобивки за целата економија.
Директорот на „Хајделберг постпрес“, Матиас Лаубенштајн, нагласи дека стабилната деловна средина, пристапот до квалификувана работна сила и јасната и транспарентна поддршка од институциите се клучни фактори во нивните анализи за избор на нова локација.
Со јасен фокус на растот, како снабдувач на целосни решенија, оваа компанија го поттикнува понатамошниот развој во основните области на пакување и дигитално печатење, софтверски решенија и бизнис со животниот циклус со услуги и потрошен материјал, така што клиентите може да постигнат максимална продуктивност и ефикасност.
Компанијата моментално се фокусира и на проширувањето во нови деловни области како што се високопрецизното инженерство на постројки со интегрирана контрола, технологијата за автоматизација и роботика, како и растечките зелени технологии.












