Германија се подготвува за војна: Ова се работите што секое домаќинство треба да ги има

104

Сè повеќе европски земји ги повикуваат своите граѓани да се подготват за потенцијални кризи – од природни катастрофи до војна. Во контекст на војната во Украина, стравувањата од нејзино ширење и растечкиот број на сајбер напади и саботажи низ Европа, Германија, Шведска, Финска и други земји објавуваат прирачници со упатства за тоа како да се снабдат со храна и вода и да се најде засолниште во случај на вонредна состојба.

Војната во Украина, стравувањата од нејзино ширење кон запад и неодамнешните упади со руски беспилотни летала и сајбер напади врз европските аеродроми ги поттикнаа многу европски земји да издадат упатства за своите граѓани за тоа како да се справат со кризи – од природни катастрофи до војна.

Извештајот за цивилната и воената подготвеност на Европа, подготвен од поранешниот фински претседател Саули Нинисто, сега советник на претседателот на Европската комисија, меѓу другото препорачува граѓаните на ЕУ да подготвуваат итни залихи во случај на војна или друга поголема криза, објавува Dnevnik.hr.

Шведска пред речиси една година почна да им дели на граѓаните брошури со совети за тоа како да се подготват и справат во случај на војна или други неочекувани кризи. „Ако дојде до криза или војна“ – прирачникот е ажуриран и двојно подебел по шест години, поради она што владата во Стокхолм го нарекува „влошена безбедносна ситуација“.

И соседна Финска тогаш објави нови совети на интернет за подготовка за инциденти и кризи, а и Норвежаните добија леток со повик да бидат подготвени самостојно да се снаоѓаат најмалку една недела во случај на екстремни временски услови, војна и други закани.

Данска уште лани, на крајот на август, им испратила на граѓаните упатства како да се подготват за криза или војна. Под „кризна ситуација“ се подразбираат и екстремни временски непогоди, како и кибер-напади што можат да предизвикаат прекини во снабдувањето.

Страв од ширење на војната

Од страв дека војната во Украина може да се прелие, соседните земји масовно вежбаат евакуации. Последниве недели Европа, меѓу другото, беше сведок на присуство на MiG-ови и дронови во својот воздушен простор, како и на кибер-напади врз аеродроми и обиди за влијание врз изборите.

Германија, пак, се фокусира на зголемување на бројот на бункери и засолништа, а Берлин започна национален план за бункери, вклучувајќи мобилна апликација за геолокација.

Поради сѐ почестите проценки дека руски напад би можел да биде можен во следните пет години, се трага по било каква структура што би можела да се користи во таков случај – меѓу нив метро станици и подруми на јавни установи, училишта и општински згради. Германските домаќинства се повикани да ги прилагодат сопствените подруми, гаражи или остави, или пак да ги обноват старите бункери. Градежниците ќе бидат законски обврзани да вградуваат безбедни засолништа во новите згради – како што тоа веќе го направи Полска.

И Литванија ги повика своите граѓани да подготват засолништа за евентуално бомбардирање поради растечкиот страв од можен конфликт со Русија. Во Вилнус се вежба евакуација во случај на проширување на воениот судир. Стотина лица со автобуси и возови беа префрлени во привремено засолниште поставено сто километри од градот.

Германија неодамна објави ажуриран прирачник

Германската канцеларија за цивилна заштита и помош при катастрофи (BBK) овие денови објави ревидиран водич „Подготовка за кризи и катастрофи“.

Иако се истакнува дека Германија е една од најбезбедните земји во светот: „Сепак, и во Германија сведочиме дека кризите ги нарушуваат нашите вообичаени дневни рутини. Екстремните временски настани се сѐ почести. Кибер-напади, дезинформации или саботажи предизвикуваат удари врз инфраструктурата, јавното мислење и солидарноста. Дури ни војната не изгледа повеќе невозможна како пред неколку години.“

„Ако се случи нешто, подобро е да бидеме подготвени. Оваа брошура ве поддржува и ви покажува како побезбедно да се справите со екстремни ситуации“, стои во водичот наменет за германските граѓани.

BBK препорачува секое домаќинство да има резерви за најмалку 10 дена без електрична енергија, вода и пристап до супермаркет.

Тоа, меѓу другото, значи да се обезбедат 20 литри питка вода и килограм храна по лице, а во водичот јасно се предупредува: „Во случај на подолг прекин на струјата, централното водоснабдување ќе откаже, бидејќи пумпите работат на електричен погон. Граѓаните треба да собираат вода во сите достапни садови додека сѐ уште тече од чешмата.“

Медиумите наведуваат дека меѓу 1990 и 2025 година водичите на BBK избегнуваа да спомнуваат воени сценарија, фокусирајќи се на природни катастрофи, поплави и технички дефекти. Сега, меѓутоа, се идентификувани и хибридни закани – кибер-напади на критична инфраструктура, целни дезинформации, саботажи и војна. BBK објаснува и како граѓаните можат да препознаат дезинформации и каде да најдат засолниште во случај на експлозии.

Што друго треба да има секое домаќинство?

4 килограми тестенини

3 килограми ориз

7 големи конзерви зеленчук (по 800 грама)

3 конзерви овошје

5 пакувања јаткасти плодови (по 200 грама)

4 конзерви риба

6 конзерви колбаси

1 шише масло за готвење

4 литри трајно млеко

500 грама тврдo сирeње

рачна или соларна лампа (која работи без батерии)

радио на батерии за официјални соопштенија

кампинг шпорет или шпорет на бензин

топла облека и ќебиња (централните грејни котли на гас исто така бараат струја)

важни документи при рака (изводи од матична книга на родени, пасоши)

ИЗДВОЕНИ