Германија планира да ја третира употребата на дроги за силување како оружје

18

Германија има намера да ја третира употребата на таканаречените дроги за силување како оружје во кривичните постапки, изјави германскиот министер за внатрешни работи Александар Добринт, пренесе „Танјуг“.

„Дрогите за силување, кои се повеќе се користат како широко распространето средство за извршување кривични дела, ги класифицираме како оружје. Ова создава основа за значително построго гонење на сторителите“, рече Добринт, објави „Ројтерс“.

Германскиот министер, исто така, нагласи дека жените треба да се чувствуваат безбедно и слободно да се движат насекаде.

Во Германија, речиси 54.000 жени и девојки биле жртви на сексуални злосторства во 2024 година, што е зголемување од 2,1 процент во споредба со претходната година, а речиси 36 проценти од случаите вклучувале силување и сексуален напад.

Парламентарната дебата за закон со кој би се вовела задолжителна минимална затворска казна од пет години за употреба на дроги за силување при сексуален напад беше одложена минатиот месец.

Добринт рече дека германската федерална влада се фокусира повеќе на борбата против семејното насилство, кое најмногу ги погодува жените.

Минатата година, полицијата регистрираше рекордни 266.000 жртви на семејно насилство, што е зголемување од 3,8 проценти.

Сепак, шефот на Федералната криминална полиција, Холгер Менш, предупреди дека бројот на непријавени случаи е сè уште многу висок.

„Треба да работиме на тоа повеќе жртви да најдат храброст да пријават злосторства со цел да се подобри нивната заштита и поддршка“, рече Менш.

Во Германија, околу 1.200 случаи на убиство или обид за убиство на жени и девојчиња беа регистрирани во 2024 година, што е мало намалување во споредба со претходната година.

Оваа недела, германската влада одобри нацрт-закон со кој ќе се дозволи употреба на електронски нараквици за следење на сторителите на семејно насилство.

Жртвите исто така можат да побараат посебен уред што ги предупредува кога сторителот ќе се приближи.

Добринт изјави дека владата, исто така, обезбедила средства за воведување на национална апликација што им овозможува на жртвите тајно да документираат инциденти на насилство и подоцна да ги користат како докази на суд.

ИЗДВОЕНИ