Германскиот министер за одбрана Борис Писториус изјави дека мажите на воена возраст во Германија не мора да се регистрираат ако одат на долг престој во странство. Тој ја даде изјавата откако избувна контроверзност околу можните последици од новиот закон со кој повторно се воведува регрутација во Германија.
Законот за модернизација на воената служба, кој стапи на сила на 1 јануари, има за цел да ја зајакне одбраната по заканите од Русија како резултат на инвазијата на Украина.
Според законот, мажите на возраст меѓу 17 и 45 години сега ќе мора да добијат дозвола од германската војска (Бундесвер) за да престојуваат надвор од Германија подолго време, објавија медиумите претходно оваа недела.
Задолжителниот услов за дозвола во голема мера помина незабележано до минатата недела кога беше објавен од германски весник, објави „Би-Би-Си“, додавајќи дека се верува дека одредбата досега не е имплементирана.
Сега министерот за одбрана Борис Писториус од Социјалдемократската партија изјави за германската „ДПА“ дека воведува исклучок.
„Без разлика дали имаат 17 или 45 години или било каде помеѓу, секој, се разбира, е слободен да патува и во моментов не му е потребна дозвола за тоа“, рече Писториус.
Подолгите престои во странство исто така нема да мора да се пријавуваат, додаде тој.
„Во овој мирновременски период, нема да има процедури за дозволи. „Го суспендираме барањето за дозволи сè додека воената служба е доброволна“, рече германскиот министер за одбрана.
Тој, исто така, најави дека ќе бидат воспоставени соодветни процедури во случај на криза и го бранеше законот како „мерка на претпазливост“.
Законот, кој стапи на сила во јануари, во принцип повторно воведува воена обврска, но ќе се применува само ако недоволен број луѓе се пријават за доброволна војска, пренесе „Бета“.












