Новиот германски министер за внатрешни работи Александар Добриндт на лице место, на германско-австриската граница објасни каква е сега политиката на Германија кон мигрантите, пишува Дојче веле.
Киферсфелден како нова гранична точка
Киферсфелден. Ова место во Баварија има топол тон за многу германски туристи. Доаѓајќи од Минхен, автопатот води југоисточно, кон Алпите. А, зад Киферсфелден е Австрија и тука започнува одморот.
Сега новиот германски министер за внатрешни работи Александар Добринд (ЦСУ) стои во Киферсфелден и зборува за тоа како веќе една недела важат нови правила на границата и се спроведуваат построги контроли.
Новата влада за време на предизборната кампања ја најави борбата против илегалната миграција, а сега сака да ја спроведе. За разлика од претходната практика, на барателите на азил сега може да им се забрани влез во земјата – со исклучок на одредени групи како бремени жени и деца.
Одлучна борба против трговијата со луѓе
Со години важеше правило: секој што ќе пристигне во Германија, на кој било начин, и ќе изјави дека сака да поднесе барање за азил, може да влезе во земјата. Сега е поинаку. На прашањето на новинар на Дојче веле што конкретно се менува и која е пораката на новата влада, Добриндт одговара: „Сакам да им порачам на сите оние кои мислат дека можат да заработат пари од човечкото страдање со шверцување луѓе во други земји, дека ќе направиме се за да ги спречиме овие криминални активности.
Политичарот на ЦСУ потоа речиси гордо додава: од стапувањето на функцијата на новата влада, спречени се 739 обиди за илегален влез во земјата. Една недела претходно имаше само 511, што претставува зголемување од 45 отсто. Ова е можно, вели Добриндт, само затоа што на границата се распоредени дополнителни 3.000 полицајци. Порано беа 11.000, сега се 14.000.
Оддалечување од политиката на отворени врати на Меркел
Криумчари на луѓе, илегална миграција – Добриндт постојано ги користи овие термини. Новата грубост кон мигрантите е и конечниот прекин со политиката на поранешната канцеларка Ангела Меркел (ЦДУ). Таа во 2015 и 2016 година дозволи пристигнување на стотици илјади бегалци од Сирија, Авганистан и многу африкански земји.
Иако новиот канцелар Фридрих Мерц (ЦДУ) во својот говор во Бундестагот претходно оваа недела истакна дека Германија останува земја на имиграција, Добриндт сега ги комплицира работите во Киферсфелден, велејќи дека полицајците сега, во „комбинација на хуманост и ред“, повторно повеќе ќе се грижат за редот. За таа цел ќе се користат уште повеќе дронови, термални камери и хеликоптери.
Европски конфликти околу миграциската политика
Во својата предизборна кампања, новиот германски канцелар Фридрих Мерц вети дека ќе воведе поинаква миграциска политика на неговиот прв ден на функцијата – веројатно поради успехот на десничарската популистичка партија Алтернатива за Германија (AfD), која е во пораст во последните години со своето силно противење на сите форми на миграција.
Но, новата острина на Германија не е добредојдена насекаде во Европа. На самиот почеток од својот мандат, за време на посетата на полскиот претседател Доналд Туск, Мерц слушна дека и источниот сосед сака да се бори против илегалната миграција – но на надворешните граници на Европската унија, не на германско-полската граница. Полска нема да прима мигранти од Германија, рече Туск, директно обраќајќи му се на Мерц: „АфД е ваш проблем, господине канцеларе“.
Мерц учтиво одговори: „Сакаме заедно да развиеме европска политика за миграција и азил и ќе спроведеме гранични контроли на начин што е прифатлив за нашите соседи“.
А министерот Добриндт, по враќањето од Киферсфелден, најави дека новата влада ќе продолжи по својот пат: ќе се укинат програмите за доброволен прием, а на лицата со посебен, таканаречен статус на супсидијарна заштита нема да им биде дозволено да носат членови на семејството во Германија, пишува Дојче веле.