Странските инвеститори во Македонија, и покрај кризата во европската автомобилска индустрија, нема да се повлечат од нашиот пазар, но обемот на нивната работа многу зависи од состојбата на европскиот пазар. Претседателот на Советот на странски инвеститори, Виктор Мизо, во изјава за весникот ВЕЧЕР вели дека годинава на европскиот пазар, кон кој сме насочени, има опаѓање на бројот на продадени нови возила. Во првите шест месеци од годинава, продажбата на нови возила на најголемиот европски пазар, Германија, се намалила за 4,7 отсто, а само во јуни за 13,8 отсто.
– Глобалните случувања ќе влијаат врз компаниите што се во земјава, но и врз нивните одлуки за инвестиции. Само еден инвеститор најави повлекување, но тоа беше поради интерни причини за реорганизација. Во моментот, нашата работа е поврзана со европскиот пазар, не само што нема раст туку напротив, има пад на продажбата на нови автомобили. Освен тоа, во Европа се зголемува продажбата на возила произведени во Кина, кои не се наши клиенти. Поради тоа е намалена обемот на пазарот во Европа за пласман на наши производи – вели Мизо.
Според него, на европскиот пазар се намалува учеството на европските компании што произведуваат автомобили за сметка на кинеските компании. Со тоа обемот на работа на странските компанија во Македонија зависи од лепезата на клиенти и модели на возила за кои тие произведуваат компоненти и не може да се каже дека секоја компанија подеднакво ќе биде засегната од овие трендови. Паралелно, се зголемува притисокот не само на конкурентноста туку и на ефикасноста и на трошоците за производство на компаниите лоцирани во Централна и во Источна Европа, како и во Северна Африка.
– Усогласувањето на нашите царински стапки со европските е дополнителен позитивен импулс за конкурентноста, бидејќи ќе бидеме на исто рамниште со другите земји од Европската Унија и ќе можеме поефикасно да се бориме. Точно е дека ние, можеби, имаме малку поконкурентна цена на работната сила, но другите европски земји имаат други предности, кои ги прават поконкурентни: логистика, локални набавувачи, индустриска традиција, поголем пристап до квалитетен кадар – вели Мизо.
Тој додава дека кризата на германскиот пазар со намалување на производството и на продажбата на нови возила ќе се одрази на нашиот пазар. Во првите шест месеци од годинава, продажбата на нови возила на европскиот пазар се намалила за 4,7 отсто, а само во јуни за 13,8 отсто. Но, за сметка на тоа се зголемува продажбата на електричните – за 8,6 отсто во јуни и на плаг-ин хибридните за 66,4 отсто.
Се поставува прашањето дали ќе успееме да останеме први во Европа по странски инвестиции и да го зголемиме нивниот број, како што изјави премиерот Христијан Мицкоски неодамна.
– Од последни до први во Европа по странски инвестиции. Параметрите што се постигнати оваа година се многу јасни. Во 2024 година имавме милијарда двесте педесет и пет милиони евра странски директни инвестиции, што е најдобар резултат од независноста до денес. Македонија е земја со најголем број странски инвестиции по глава на жител во Европа – изјави премиерот Мицкоски.
Странските директни инвестиции во Македонија достигнаа вкупно 135,8 милиони евра (155,3 милиони долари) во првиот квартал од 2025 година, што е намалување за 58 проценти во споредба со нето-приливот од 327,16 милиони евра во тој период од 2024 година, покажуваат податоците на Народната банка.
Само во март, странските директни инвестиции во Македонија изнесувале 71,38 милиони евра, што е далеку помалку во споредба со приливот на странски директни инвестиции од 147,10 милиони евра во март 2024 година.
(А. С.)