Дирк Новицки и Денис Шредер имаат посебно место во историјата на германската кошарка – двајцата го носеа знамето на својата земја на Олимписките игри и ја водеа репрезентацијата до медали. Сепак, за разлика од легендата од Вирцбург, сегашниот капитен на германската репрезентација признава дека има измешани чувства за земјата што ја претставува.
- Имав 14 години кога го гледав Дирк Новицки на телевизија како го носи знамето на отворањето на Игрите во Пекинг во 2008 година. Мислев дека нема поголема чест од тоа. Денес разбирам дека е голема чест, но со мене никогаш нема да биде како со Дирк. Никогаш нема да ме сакаат толку многу во оваа земја затоа што имам темна кожа, изјави Шредер за списанието „Стерн“.
Тој истакна дека Германците очекуваат одреден имиџ од своите спортски ѕвезди, во што, според негово сопствено признание, тој не се вклопувал. На ова не му помогна фактот што во младоста се фалел со луксузни автомобили и скапи часовници.
- Секако дека направив грешки, бидејќи не сум совршен. Но, сепак е погрешно да осудувате некого што не го познавате. Тоа е општествен проблем, а површноста на социјалните медиуми само го влошува. Фактот што го носев знамето не ме прави ништо подобар во нивните очи, додава НБА-играчот.
И покрај неговите непријатни искуства, 31-годишниот плејмејкер и МВП на Светското првенство во 2023 година планира да се врати во својот роден град Брауншвајг по неговата НБА-кариера.
- Мојот дом е во Брауншвајг и тука сум потребен. Затоа купив кошаркарски клуб, бидејќи планираме да отвориме академија, кампови и училишта за млади играчи. Многу професионалци остануваат во САД по нивните кариери, но јас припаѓам во Германија, објасни Шредер.
Шредер со нетрпение го очекува Европското првенство, кое започнува на 27 август во Финска и Летонија, а потоа и новата НБА-сезона во дресот на Сакраменто. Кога станува збор за Евробаскетот, неговата амбиција е јасна.
– Ќе ја освоиме титулата. Да не бев убеден во тоа, немаше ни да учествувам, туку ќе седев во Брауншвајг, заклучи Шредер.