Германија доминира на натпреварите во скелетон на Зимските олимписки игри во Милано и Кортина. Но и покрај големиот бројот освоени медали, тие се соочија со необичен проблем. Поради недостигот на сместување во Олимпиското село, тие мораа да го напуштат, па освојувачот на сребрен медал, Аксел Јунг, го искористи преносот во живо на телевизија за да побара место за престој, пишува „Merkur.de“.
– Доколку има некој што го гледа ова во Кортина и има место за неколкумина спортисти, би биле воодушевени. Ве молиме, контактирајте нè – рече 34-годишникот во интервју за ZDF, намигнувајќи на крајот од интервјуто.
Тој го пронајде решението во разговор со јутјуберите и со инфлуенсерите Папаплат (Кевин Телер) и Риз (Доминик Ризман). Риз му понуди да ја помине ноќта во нивниот подрум со сауна, за што тој се согласи.
Сместувањето се наоѓа на речиси два часа од Кортина.
Фактот дека сместувањето на двајцата германски олимпијци е оддалечено еден час и 40 минути од Кортина не беше проблем за Јунгк. Базенот, сауната и обезбеденото ноќевање беа доволни за него. Покрај тоа, тој слушнал дека „стримерите“ прават и други интересни работи како возење моторни санки.
Јунгк и неговите колеги мораа да го напуштат Олимпиското село од едноставна причина: беше потребен просторот за други спортисти.
– Мислам дека сега доаѓаат боб-санкачите, на кои им се потребни соби – објасни тој.
Благодарение на Папаплат и Риз, престојот на Јунгк во Кортина не завршува прерано.
Шест медали за германската репрезентација
Германскиот тим во скелетон постигна историски успех на Игрите во 2026 година, освојувајќи вкупно шест медали во три дисциплини, што е негов најдобар резултат откако во 2002 година се врати спортот во олимписката програма.
Во машка конкуренција, 34-годишниот Аксел Јунг ја продолжи својата импресивна олимписка серија освојувајќи сребро, исто како што направи и во Пекинг во 2022 година. Само Британецот Мет Вестон беше побрз од него. Кристофер Гротер, олимпискиот победник од последните Игри, освои бронза и со тоа го комплетираше двојниот успех на Германија.
Германија славеше и во женска конкуренција. Сузане Крехер го освои среброто, заостанувајќи само зад австриската победничка Џанин Флок, додека Жаклин Фајфер, освојувачката на златниот медал од Пјонгчанг во 2018 година, ја освои бронзата. Олимписката победничка од Пекинг, Хана Најсе, заврши на четвртото место.
Во премиерната конкуренција на мешани тимови, германскиот скелетон тим го заокружи одличниот настап. Двојките Аксел Јунг и Сузане Крехер и Кристофер Гротер и Жаклин Фајфер освоија сребро и бронза, одвоени само стотинка од секундата. Златото му припадна на британското дуо Мет Вестон – Табита Стокер.












