Кандидатот за градоначалник на Општина Центар од редовите на СДСМ, Горан Герасимовски, денеска ја претстави новата мерка за менторско учење и дополнителни часови, зацртана во идната програма.
Во разговор со група пензионирани наставници, тој посочи дека целта на оваа иницијатива е да се обезбеди поддршка за учениците кои потешко ја совладуваат наставата, како и за надарените ученици кои се подготвуваат за натпревари.
„Недостигот на наставен кадар е системски проблем на ниво на државата, затоа одлучивме да ве ангажираме вас, нашите искусни наставници, кои иако во пензија, можат да помогнат во едуцирањето и споделувањето на своето знаење. Вашиот ангажман ќе значи многу и за училиштата, но и за семејствата. Учениците ќе добијат квалитетна едукација, наместо родителите да плаќаат приватни часови,“ истакна Герасимовски.
Пензионираните наставници ја поздравија мерката и изразија подготвеност да се вклучат во проектот, од кој, велат, ќе имаат корист учениците, родителите и активниот наставен кадар, кој ќе биде растеретен.
Со оваа инцијатива, воедно , ќе им се овозможи на наставниците во пензија да останат активни во образовниот процес и да го пренесат своето знаење на помладите генерации.