Герасимовски чистеше заедно со општинските хигиеничари

275

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, заедно со екипите на општинските хигиеничари, вчеравечер го расчистуваше натрупаниот смет околу контејнерите на повеќе локации во Центар, откако ЈП „Комунална хигиена“ и Град Скопје повторно потфрлија и го оставија цело Скопје, не само Центар, затрупано во смет.

– Да не дозволиме сето она што не го прави комуналното претпријатие и неговата негрижа да останат проблем на граѓаните, ние сме тука за заедно да ги решаваме проблемите. А, сега продолжуваме сите заедно да го чистиме Центар поради негрижата на Градот – изјави Герасимовски на терен.

Тој посочи дека продолжува акцијата динамично, со цел што побрзо да се нормализира состојбата.

– Продолжуваме на следна локација. Заедно со хигиеничарите, ќе ги средуваме другите населби, една по една. Сите контејнери се полни, и на булеварите. Центарци нема каде да паркираат, и паркинг-местата се узурпирани со смет. Се надевам дека градската власт ќе се свести, ќе ја преземе одговорноста и ќе ни го направи градот почист. Ако не го направат тоа, нашите служби повторно ќе ја завршат работата на Градот – нагласи Герасимовски.

Вината, пак, за нечистиот град, скопската градоначалничка, Данела Арсовска, ѝ ја префрла на ВМРО-ДПМНЕ. Таа напиша на „Фејсбук“ дека со ЈП „Комунална хигиена“ четири години управува претседателка на Управниот одбор од ВМРО-ДПМНЕ, осудена правосилно за две тешки кривични дела.

– Жената со кривично досие за хаосот што го предизвикува во „Комунална хигиена“ ќе биде наградена со советничко место во Општина Бутел. Браво за ДИК, кои закон дерогираат со правилник и осудени лица со нивни амин ќе ви ги водат општините по изборите пак – нагласува Арсовска.

Таа додава дека четири години, со 500 члена, сите управни одбори, надзорни одбори на скопските јавни претпријатија и установи се управувани од ВМРО и од „Вреди“.

– Обратете се кај нив за хигиената во градот. Вработените во претпријатието и метачите со сите сили макотрпно работат и се борат со партиските демони на суетни самобендисани политичари – заклучи Арсовска.

(А. П.)

 

 

ИЗДВОЕНИ