Герапетритис со јасна порака – мора да користите „Северна“!

Грчкиот министер за надворешни работи, Јоргос Герапетритис, побара целосна и искрена примена на Преспанскиот договор. Употребата на уставното име „Северна Македонија“ од страна на македонските власти беше истакната како клучен предуслов за европскиот напредок на земјата. Атина ја потврди поддршката за евроинтеграциите, но порача дека договорените обврски мора да се почитуваат. Муцунски изрази благодарност за грчката поддршка и солидарност при последните кризни ситуации. Средбата беше оценета како конструктивна, со фокус на економијата, енергетиката и регионалната поврзаност. Двете страни го потврдија сојузништвото во рамките на НАТО и важноста од почитување на меѓународното право

546

Целосна, посветена и бона фиде имплементација на Преспанскиот договор, вклучително и употребата на уставното име на земјата од страна на владините функционери, побара грчкиот министер за надворешни работи, Јоргос Герапетритис на денешната средба со неговиот македонски колега, Тимчо Муцунски во Атина. Под превезот на пријателство и сојузништво, официјална Атина со тоа испрати јасна порака до властите во Скопје – Преспанскиот договор мора да се спроведува целосно и без одложување, а употребата на уставното име „Северна Македонија“ од страна на владините функционери е клучна обврска и предуслов за напредок на европскиот пат на Македонија. Герапетритис ја реафирмираше грчката поддршка за евроинтегративниот пат на земјава, како што рече, „базиран на воспоставените услови и мерит принципите, со особена посветеност на фундаменталите“.

-Би сакал да ја потенцирам нашатаа поддршка за унапредување на европскиот пат на Северна Македонија, базиран на воспоставените услови и мерит принципите, со особена посветеност на фундаменталите. Во оваа насока, доволете ми да ја потенцирам важноста од целосна, посветена и бона фибе имплементација на Преспанскиот договор, вклучително и употребата на уставното име на земјата од страна на владините функционери. Грција и Северна Македонија воспорставија силна соработка во повеќе области, вклучително и економијата, трговијата, инвестициите, и проектите за интерконекција поврзани со транспортни и енергетски мрежи, изјави Герапетритис на заедничката прес-конференција со Муцунски во Атина.

Герапетритис рече дека искрено разговарале за билатералната соработка и нејзино продлабочување во иднина, а станало збор и за регионалната и глобалната безбедност и потребата од блиска координација. Тој додаде дека Грција ќе продолжи да ја промовира европската перспектива и просперитетот на земјите од Западен Балкан.

Муцунски по средбата изјави дека длабоко верува во потенцијалот на односите меѓу двете земји. Тој се заблагодари на Грција и за помошта која нашиот јужен сосед ја испрати за повредените од трагедијата во Кочани, како и за справуавањето со пожарите кај Дојран.

-Во силата на дипломатијата заснована на почит и во нашата заедничка способност да изградиме иднина што ќе биде функционална. Не само денес, туку и за генерациите што доаѓаат. Меѓусебното почитување е основата врз која се гради трајна соработка, рече Муцунски.

Од македонското МНР соопштија дека двајцата министри имале отворен разговор и размена на мислења за повеќе прашања од заеднички интерес и изразиле задоволство од средбата, во период кога двете страни посветено работат на унапредување на односите помеѓу двете земји. Двајцата министри заклучиле дека  почитувањето на меѓународното јавно право останува императив за двете страни, а билатералните односи, како и досега, ќе се засноваат на меѓусебно разбирање како соседи и сојузници во НАТО.

Муцунски се заблагодарил за солидарноста што Грција ја покажа за време на трагедијата во Кочани и неодамнешните итни состојби во близина на Дојран.

-Тоа не беа само гестови на помош – туку вистински дела на пријателство, истакнал министерот Муцунски.

На средбата станало збор и за безбедноста – како на регионално, така и на глобално ниво. Било потврдено заедничкото делување во рамките на НАТО и потребата од блиска координација во овие неизвесни времиња. Како што соопштија од МНР, министрите се осврнале и на процесот на евроинтеграција на земјава во Европската Унија, при што, Герапетритис ја нагласил силната поддршка за нашиот евроинтеграциски пат.

-Сакам уште еднаш да ја истакнам поддршката на Грција за напредокот на Северна Македонија на нејзиниот европски пат, врз основа на воспоставените условности и принципот на сопствени заслуги, со посебен фокус на основните критериуми, истакнал грчкиот министер Герапетритис.

Во фокусот на средбата било унапредувањето на соработката помеѓу двете земји, со акцент на потенцијалот за економска соработка помеѓу двете држави, како и на соработката во делот на инфраструктурата и енергетиката.

-Нашиот фокус беше и на резултати кои носат придобивки за граѓаните. Инвестиции. Трговија. Инфраструктура. Енергија. Разговаравме за проекти како Kоридорот 10 и гасниот интерконектор – не само како технички проекти, туку како двигатели на раст, безбедност и регионална поврзаност, нагласи министерот Муцунски по средбата.

Шефот на македонската дипломатија средбата со грчкиот колега ја оцени како конструктивна. Преку социјалните мрежи објави дека разговарале за билатералната и регионалната соработка, унапредувањето на политичките и економските односи меѓу двете земји, потенцијалот за нови инвестиции и проширување на енергетската соработка.

-Во фокусот беше и нашиот евроинтегративен пат. Солидарноста, партнерството и меѓусебната почит се темел за посилни врски. Заеднички ја потврдивме посветеноста на понатамошно унапредување на односите, важноста од почитување на меѓународното право, партнерството во рамките на НАТО и соработката во мултилатералните организации, објави Муцунски на социјалните мрежи.

Пред средбата со Герапетритис, Муцунски, исто така, преку социјалните мрежи сподели дека билатералната соработка, економијата и инвестициите ќе бидат во фокусот на разговорите.

Шефот на дипломатија во постот на Инстаграм, пропратен со фотографија од пред грчкиот Парламент, информираше дека по средбата во грчкото МНР, заедно со директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски, ќе се сретнат со раководството на грчката компанија „Ронтис“, која веќе успешно инвестира и работи на нашиот пазар. Муцунски се осврна и на претстојните, како што напиша, значајни активности.

– До крајот на неделата следуваат уште значајни активности – учество на министерски состанок во Истанбул, каде што на покана на турскиот министер за надворешни работи, Хакан Фидан, ќе се сретнеме со колегите од целиот регион. А неделата е резервирана за Илинденската коњаница во славното и патриотско Горно Лисиче, напиша Муцунски.

Грчки Екатимерини претходно објави дека на средбата со Муцунски, Герапетритис ќе реагира за нецелосно спроведување на Преспанскиот договор.

-Средбата се случува среде засилениот притисок од Европска Унија врз Скопје да ги испочитува обврските поврзани со процесот на пристапување. И покрај неодамнешните примери на соработка – вклучително и третманот на повредените македонски граѓани од страна на Грција по смртоносниот пожар во ноќен клуб во Кочани, како и заедничките акции за гаснење пожари – Атина изрази загриженост поради сè почестата употреба на името „Македонија“ без уставниот префикс „Северна“ од страна на претседателката Гордана Силјановска-Давкова и министрите од владејачката националистичка партија ВМРО-ДПМНЕ. Грчките власти исто така се загрижени за изоставувањето на „Северна“ во јавниот дискурс и институциите на државата, вклучително и спортските федерации, пишува Екатимерини.

Во текстот се пренесува изјава на македонската претседателка Силјановска-Давкова дека ако Преспанскиот договор навистина и донел корист на државата, таа веќе ќе беше членка на ЕУ.

-Таа и претставници на ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека понатамошниот напредок е закочен поради нератификацијата на три билатерални меморандуми од страна на Грција, кои се поврзани со договорот, објави грчки Екатимерини.

Грчки дипломатски извори, во пресрет на средбата, упатија порака дека таа е важна и дека земјава е клучен сојузник за Грција. Истите извори потенцираат и дека Герапетритис и Муцунски имаат развиено „исклучително функционални односи“, дека имаат редовна комуникација и во обид, како што велат, да ги ограничат потенцијалните тензии по изборите во Грција.

– За нас, Северна Македонија е клучен сојузник и директен и важен сосед, брифираат високи грчки дипломатски извори, пренесе МИА.

Дипломатите во Атина велат дека Грција е поддржувач на земјава, посочувајќи дека земјата го покажала тоа во практика и на ниво на цивилна заштита со пожарите, но и по трагедијата во Кочани и дека ќе продолжи со поддршката.

Од македонското МНР, во најавата на средбата соопштија дека во фокусот на разговорите ќе бидат идните активности за зајакнување на односите и соработката меѓу двете земји, со акцент на економската и енергетската соработка и инфраструктурното поврзување.

-Европската интеграција на регионот, како и актуелните геополитички случувања, исто така ќе бидат дел од темите за кои ќе се разговара, водени од заедничкиот интерес за зајакнување на регионалната стабилност и просперитет на двете земји како непосредни соседи и НАТО-сојузници, соопштија од МНРиНТ.

Ова е прва официјална посета на Муцунски во Атина, како шеф на македонската дипломатија, но тој и Герапетритис во Грција се сретнаа и на почетокот на април годинава на маргините на Економскиот форум во Делфи. (В.С.Н.)

 

ИЗДВОЕНИ