Спомен-обележјето се состои од железна плоча со дијаметар 80 сантиметри, тежина 50 килограми и дебелина 25 мм. На железната плоча релјефно, на македонски и на англиски јазик, пишува: Географски центар на Македонија – Длабок дол Коњско, Гевгелија со координатите – северна географска широчина 42 степени 10 минути и 10,3 секунди и источна географска должина 22 степени 23 минути и 04,3 секунди. Споменикот е донација на Македонскиот институт „Хелиос“ од Холандија, а го реализира Светскиот македонски конгрес
Во пазувите на планината Кожув, во месноста Длабок дол, од десната страна на регионалниот пат Гевгелија – Смрдлива вода, во близина на селото Коњско, викендов беше откриено спомен-обележје на географскиот центар на Македонија. Спомен-обележјето се состои од железна плоча со дијаметар 80 сантиметри, тежина 50 килограми и дебелина 25 мм. На железната плоча, релјефно, на македонски и на англиски јазик, пишува: Географски центар на Македонија – Длабок дол Коњско, Гевгелија со координатите – северна географска широчина 42 степени 10 минути и 10,3 секунди и источна географска должина 22 степени 23 минути и 04,3 секунди. Споменикот е донација на Македонскиот институт „Хелиос“ од Холандија, а го реализира Светскиот македонски конгрес.

Географскиот центар на Македонија, на барање на „Хелиос“ е определен од магистер Леонард Л. Луз Едмонтон, сертифициран експерт за географски информациски систем од Институтот за истражување на еколошки системи, како светски лидер на пазарот за софтвер за географски информациски системи (ESRI – Environmental Systems Research Institute, Inc.), со седиште во Редлендс, Калифорнија.
На церемонијата, во присуство на поголем број жители на Гевгелија, Богданци и Валандово, поздравен говор одржа претседателот на СМК, Тодор Петров, кој, меѓу другото, истакна дека спомен-обележјето „Географски центар на Македонија“ може да прерасне во семакедонско култно место.
– Координатите на географскиот центар на Македонија се изведени со дигитализирање на границата од „Карта Македонија“ на Димитрија Чуповски, испратена на 1 март 1913 година со меморандум до Лондонската мировна конференција (16 декември 1912 – 30 мај 1913), вклучувајќи и три останати варијанти на картите на Македонија, како и пресметките за центрирање на овој генериран полигон користејќи го Светскиот геодетски систем од 1984 година и Универзалниот трансверзален Меркатор на 34. северна зона. Конечната анализа е извршена на 9 јуни 2024 година и резултатите од анализите се претставени во соодветни KMZ формати, рече Петров.
Свое обраќање имаше и претседателот на Македонскиот институт „Хелиос“ од Ротердам, Холандија, Џон Тодоровски.

–Заедно со останатите туристички содржини, географскиот центар на регионот Македонија, на планината Кожув, ќе биде атрактивна туристичка дестинација за голем број посетители од регионот, Европа и светот! Во античко време, Олимп била планина на боговите, а планината Кожув на џиновите, Затоа и денес, еден од врвовите на оваа планина се вика Ѕена. Тука се златните рудници од времето на Македонската и на Римската Империја на златоносната Коњска Река, неповторливо уникатниот ареал на Голото дрво или Гол човек, езерцето и водопадот, наоѓалиштата на лорандитот од античкиот рудник Алшар, одморалиштето Смрдлива Вода, Коњската брана, ски-центарот „Кожув“, летната резиденција на Филип Втори Македонски во древниот македонски град Гортинија на Вардарски Рид, Негорските бањи, каде според преданието се капела и Олимпија, мајката на Александар Македонски, археолошкиот локалитет Крчаново кај Миравци, археолошкиот локалитет Исар кај Марвинци, содржините на граничниот премин Богородица…

Петров и Тодоровски објавија дека Свеченото отворање, со претходно култивирање на целиот простор со сите содржини, информативни табли, патокази и друго, ќе биде на 19 септември 2026 година, со почеток во 12 часот, за што јавноста ќе биде дополнително известена.
СМК и Македонскиот институт „Хелиос“ од Холандија, исто така, најавија и одржување на традиционална културна манифестација „Денови на Филип Втори Македонски“, која ќе се одржува секој трет викенд во месец септември од годината – со пикник во Длабок дол до спомен-обележјето „Географски центар на Македонија“, и со Академија за животот и делото на Филип Втори Македонски на локалитетот Гортинија на Вардарскиот Рид, неговата летна резиденција.
„Хелиос“ е Македонски институт за културни, лингвистички и научни студии формиран во Ротердам, Холандија, на 2 август 2022 година. Неговото име се однесува не само на еден од најстарите македонски симболи – Богот и персонификацијата на Сонцето, туку и на просветлувањето на човечката душа и разумот, потрагата по вистината и зачувувањето на македонското културно, јазично, археолошко и историско наследство. (Љ. А.)












