Ученици од Општина Ѓорче Петров постигнаа извонреден успех на Меѓународниот натпревар „Математика без граници“, кој по 12. пат се одржа во Несебар, Бугарија. На натпреварот учествуваа 1200 ученици од 13 држави, а ѓорчепетровските генијалци се вратија со три сребрени и една бронзена медала – резултат што претставува особена гордост за Општина Ѓорче Петров и целата македонска јавност.
Македонскиот тим, предводен од наставничката Анкица Спасова – професорка по математика од Ѓорче Петров, го сочинуваа учениците Јана Спасова од ООУ „Мирче Ацев“ – Скопје и Анамарија Дафчева, Михаил Лалевски и Андреа Кулевска од ООУ „Тихомир Милошевски“ – Скопје.
Учениците и наставничката со градоналникот на Ѓорче Петров разговараа како би можеле Општината и во иднина да придонесе кон дополнително подобрување на условите за учество на меѓународни натпревари од ваков тип.
– Чувствувам особена гордост и благодарност што во Ѓорче Петров имаме вакви ученици и наставници. Ова е уште една потврда дека вложувањето во образованието дава резултати. Ќе продолжиме посветено да ги поддржуваме младите таленти и нивните ментори, бидејќи тие се темелот на едно здраво и просперитетно општество – истакана градоначалникот Александар Стојкоски.