Генералот што беше разрешен од Зеленски: „Не се надевајте на чудо, Украина нема да се врати на старите граници“

521
EPA-EFE

Украина треба да се откаже од обидите да ги врати своите граници утврдени со падот на Советскиот Сојуз во 1991 година, па дури и од оние од времето кога започна руската инвазија на Украина во 2022 година, изјави во четвртокот поранешен украински воен командант.

Валери Залужни, амбасадорот на Украина во Лондон, беше сменет од функцијата врховен командант на армијата во февруари 2024 година по неколкумесечни несогласувања со претседателот Володимир Зеленски.

Зеленски и другите официјални лица долго време бараат протерување на руските сили и враќање на постсоветските граници на Украина во 1991 година, вклучувајќи го и Крим, кој Русија го анектираше во 2014 година.

Но, бидејќи напорите во последните месеци беа фокусирани на преговори за прекин на огнот, изјавите на Киев беа поумерени во однос на прашањето за територијални отстапки.

– Се надевам дека во оваа просторија нема луѓе кои се уште се надеваат на некое чудо или среќен знак што ќе донесе мир во Украина во границите од 1991 или 2022 година, или некоја голема среќа што ќе се случи подоцна – ги пренесе порталот РБК Украина, зборовите на Залужни од форумот во Киев.

„Мое лично мислење е дека непријателот сè уште има ресурси, сили и средства да продолжи да ја таргетира нашата територија и да се обиде на одредени офанзивни операции“, додаде тој.

Анкетите покажуваат дека Залужни е еден од најпопуларните украински политичари. Анкетите, исто така, покажуваат дека рејтингот на Зеленски е зголемен по судирот со американскиот претседател Доналд Трамп на состанокот во Белата куќа во февруари.

ИЗДВОЕНИ