
Генералното собрание на ОН со огромно мнозинство усвои резолуција за поддршка на Декларацијата од Њујорк за мирно решавање на палестинското прашање и спроведување на решението за две држави, објави Амбасадата на Палестина.
„Државата Палестина го поздравува усвојувањето на оваа важна резолуција и изразува благодарност до Кралството Саудиска Арабија и Франција за нивните напори во претседавањето со меѓународната конференција и трансформирањето на Декларацијата од Њујорк во ефикасен план за акција за ставање крај на израелската окупација и спроведување на решението за две држави преку јасни чекори во политичката, економската, правната и безбедносната област“, се вели во соопштението.
Според нив, Државата Палестина ги цени и им се заблагодарува на сите земји што ја спонзорираа, поддржаа и гласаа за резолуцијата, со што Декларацијата од Њујорк стана официјален документ на Обединетите нации.
„Со усвојувањето на оваа резолуција, огромното мнозинство земји ширум светот повикуваат на спроведување на резултатите од меѓународната конференција за решението со две држави и на притисок врз Израел, окупаторската сила, да ја запре својата агресија, да го прекине огнот, да го прекине гладот што го користи како оружје на војната, да спречи присилно раселување и да ги ослободи затворениците и притворените лица“, нагласија тие.
Тие, исто така, повикуваат на активирање на сите алатки за да се стави крај на израелската колонијална окупација на Палестина, да се постигнат легитимните права на палестинскиот народ и да се спроведе решението со две држави како единствено решение за постигнување праведен и траен мир.
Резолуцијата со која се поддржува Њујоршката декларација за мирно решавање на палестинското прашање и спроведувањето на решението со две држави беше гласана „за“ од 142 земји, со 10 „против“ и 12 воздржани.