
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, отпатува во Вашингтон на итен состанок со претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, објави прес-службата на алијансата. Посетата е планирана за 21 и 22 октомври, а, како што е наведено, нема да има брифинг за печатот ниту јавно обраќање по состанокот.
„Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, ќе биде во Вашингтон на 21 и 22 октомври. Тој ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп. Нема да има прес-конференција“, се вели во краткото соопштение.
Според дипломатски извори, посетата била непланирана и не била во официјалниот календар на генералниот секретар, што предизвика шпекулации за итноста и чувствителноста на темите што ќе се дискутираат. Темата на состанокот не е официјално објавена, но се претпоставува дека фокусот ќе биде на ситуацијата во Украина и безбедносните односи во Европа.
Се очекува следната недела во Лондон да се дискутира и европски предлог за мирно решение на украинскиот конфликт, кој вклучува пакет безбедносни гаранции и постепено укинување на санкциите.