„Реализацијата на Генералната асамблеја токму овде е симболично и значајно, бидејќи Македонија не само географски, туку и духовно и културолошки е вградена во мисијата на светите браќа Кирил и Методиј, како и на нивните ученици. Делото на Солунските браќа, што го постави темелот на словенската писменост и духовност, длабоко е врежано во нашето културно наследство и во колективната меморија на македонскиот народ. Овде, на овие простори, нивната мисија не само што беше прифатена – таа продолжи да живее, да се шири, да се пренесува со љубов од генерација на генерација. И денес, како дел од оваа културна рута, ние не го чуваме само нивното наследство туку и го живееме, рече денеска министерот за култура и туризам Зоран Љутков, обраќајќи се на состанокот на Генералната асамблеја на Европската рута на Светите Кирил и Методиј што се одржа во Порта Македонија, а на која нашата земја за првпат беше домаќин.
Љутков посочи дека Министерство за култура и туризам, со голема почит и ентузијазам ќе продолжи да партиципира и да ги поддржува рутите на Советот на Европа.
„Нашата земја е посветена на зачувувањето и афирмирањето на ова културно богатство и од тие причини, Министерството ја поддржува и партиципацијата на Македонија во: Винската културна рута, Рутата на римските императори и Дунавската римска рута. За афирмација на рутите кај пошироката културна јавност, минатиот месец го реализиравме и форумот ‘Културните рути на Советот на Европа во функција на културниот туризам’, на кој учествуваа гости од земјава и од странство, од академскиот, туристичкиот, економскиот и од поширокиот културен сектор“, додаде тој.
Истакна дека од особено значење е учеството на Институтот за македонска литература при УКИМ и на Институтот за старословенска култура од Прилеп во асоцијацијата Европската културна рута на Светите Кирил и Методиј, што ќе придонесе за значајна културна, научна и туристичка промоција на кирилометодиевското наследство нераскинливо поврзано со духовната почва на Македонија.
За проф. д-р Маја Јакимовска-Тошиќ од Институтот за македонска литература, од исклучително значење е тоа што за првпат кај нас во Македонија, поточно во Скопје, се организира Генералната асамблеја на Европската рута на Светите Кирил и Методиј.
„Всушност, Генералната асамблеја е едно од врховните тела на Европската рута на Светите Кирил и Методиј. Значењето на самата рута ви кажува колку Македонија е значајно да партиципира во неа бидејќи ние изобилуваме со извонредно значајно културно наследство уште од најраниот период на словенската писменост сочувано во Охрид, во Скопје во други делови на Македонија, поврзано со културното наследство на Светите Кирил и Методиј. Во оваа рута партиципираме заедно со десет земји – членки и идејата е националното културно наследство поврзано со Кирил и Методиј да го распоредиме на едно општо, паневропско културно ниво и да ги споделиме заедничките културни вредности сите заедно“, изјави Јакимовска-Тошиќ пред одржувањето на асамблејата.
Како што додаде, Генералната асамблеја е придружена со други придружни програми. Една е трибина, која утре ќе се одржи во Охрид, а се однесува на културното наследство на Кирил и Методиј во регионот на Охрид и Преспа.
„Сите овие чествувања се увод во прославата на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители којшто ние во Македонија го чествуваме, го празнуваме како исклучително важен празник на просветата и на културата“, истакна таа.
Во Јуроп хаус во Скопје, пак, вчера беше промовиран магазинот „Европа: по рутата на Кирил и Методиј“ – туристичка публикација во издание на Look at it.cz од Чешка.
На Генералната асамблеја присуствуваа гости од Чешка, Словачка и Бугарија, а онлајн на состанокот се приклучија и Италија, Полска, Грција како составен дел на асоцијацијата Европската рута на Кирил и Методиј.
Програмата „Европската културна рута на Светите Кирил и Методиј“ на Советот на Европа, е воспоставена во 2013, како интернационална мрежа од земји и партнери, што го одбележува и афирмира наследството на браќата Кирил и Методиј, како дел од европското културно наследство. Во Програмата како рамноправни членки од Македонија партиципираат Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Институтот за старословенска култура во Прилеп (од 2023 година), заедно со институции од Чешка, Словачка, Италија, Словенија, Хрватска, Унгарија, Полска, Бугарија и Грција. (Н.И.Т.)