Општина Кисела Вода започна акција за генерално чистење. Од Општината информираат дека акцијата започнала вчера, во УЗ 11 Октомври Бараки, а денеска продолжила на подрачјето на УЗ 11 Октомври Згради, каде што работат екипите на темелно уредување на јавните површини.
– На терен се ангажирани околу 30 сезонски работници, обезбеден е целокупниот потребен алат и механизација, како и специјализирани возила за метење и чистење на улиците. Во спроведувањето на акцијата активно учествуваат и претставниците од советите на урбаните заедници, што овозможува подобра координација и поефикасно реализирање на зафатите – соопштија од локалната самоуправа.
Оттаму додаваат дека со чистењето се опфаќаат улиците, тротоарите и заедничките јавни површини, со цел создавање почиста, поуредна и поздрава животна средина за жителите.
– Паралелно со ова, на повеќе локации во Општината се спроведуваат и активности за уредување на парковите, каде што се собираат наталожените паднати лисја, карактеристични за овој период од годината. За таа намена се ангажирани дополнителен број сезонски работници и соодветен алат – велат од Општина Кисела Вода.
Акцијата за генерално чистење ќе продолжи и во наредниот период.
В понеделник, екипите ќе работат на подрачјето на УЗ Кисела Вода, по што секој ден ќе бидат спроведувани активности во по една месна или урбана заедница, сѐ додека темелно да бидат исчистени сите населби и населени места на територијата на Општина Кисела Вода.












