Вистинскиот патриотизам се манифестира само во тоа како се однесувате кон вашата заедница и вашата околина. Ова не е нешто што може да го научат само младите, туку треба да го разберат и возрасните. „Генералка викенд“ е акција од граѓаните за граѓаните и најголемиот израз на патриотизам, велат Гордана Софија и Јоханес Јекл, идејни творци на акцијата, која преку „Мен енд маунтен“ петта година по ред успева да ги дигне на нозе и мобилизира сите екологисти и општествено одговорни граѓани и компании во Македонија. Почнаа скромно но со големи очекувања, па годинава, со гордост најавуваат дека ќе се чисти на 500 локации низ државава.

Весникот ВЕЧЕР од самите почетоци го поддржува Генералка викенд, а во изминативе месеци во рубриката „еко среда“ секоја седмица објавувавме авторски текстови со визии и желби како би требало да изгледа чиста и здрава животна средина и во каква еколошка држава сакаме да живееме. Токму затоа, во пресрет на акцијата „Генералка викенд 2025“, која почнува утре и ќе трае до недела, разговараме со Гордана и Јоханес. Двајцата партнери и во животот и во ангажманот, не пропуштаат прилика да не ја раскажат нивната мисија, која успеваат да ја пренесат на голем број нивни поддржувачи. Секогаш посочуваат дека највисока обврска на секого е да се грижи за своето семејство, својата заедница, а со тоа и за својата околина и земја.

Во интервјуто нашите соговорници ни откриваат за идејата и како замислиле да се реализира акција, како да се натераат луѓето да се чувствуваат одговорни за сопствената земја, за тоа како нивната идеа стана акција „Генералка викенд“, а на крај упатија порака што секој од нас како индивидуа треба да направи за да ја зачуваме околината чиста.

*Веројатно сè е подготвено за новата акција „Генералка викенд“. Каде официјално на 9 мај ќе стартувате со акцијата?

– Се надеваме. Со настан од ваков обем е невозможно да се има сè под контрола, но ние даваме сè од себе и се надеваме дека со Божја заштита сè ќе биде во ред. На 9 мај, официјалното отворање на „Генералка викенд“ ќе биде на Скопскиот Аквадукт, во 9 часот наутро. Ја одбравме оваа локација намерно со цел да го вратиме овој значаен историски споменик во фокусот на граѓаните од Скопје, како и на целата земја. Заедно со нашиот стратешки партнер од Пивара Скопско, ЗЕЛС и највисоките претставници на институциите и многу волонтери, ќе го исчистиме просторот околу ова важно културно-историско обележје. Но, ова е само почеток.

*Колку општини има пријавено оваа година за учество во оваа најголема еколошка акција и на колку локации ќе се чисти овие три дена?

– Од вкупно 81 општина, регистрирани се 78 општини, кои активно се вклучуваат во акцијата. Но, ќе има волонтери што ќе собираат отпад во сите општини, на повеќе од 500 други локации во исто време.

*Весникот ВЕЧЕР од почетокот ја следи и поддржува оваа еколошка акција. Во претходните четири години беше забележливо учеството на вработените во општините и јавните претпријатија, други граѓани, но и на најмладите кои се нашата иднина. Ќе има ли и годинава организирано учество на учениците и како ќе се спроведува?

– Секако. Oваа година ги проширивме нашите активности и заедно со УНИЦЕФ и Министерството за образование и наука ја воведовме „Генералка викенд“ како предмет во училиштата наречен „Еко-час“. В петок на 9 мај, по одржувањето на Еко-часот, учениците ќе излезат надвор и ќе собираат отпад околу нивните образовни објекти, во сабота заедно со своите семејства ќе собираат отпад околу своите домови и во недела на јавни места во нивните општини. Сето тоа ќе го фотодокументираат и ќе го презентираат на првиот час во понеделник, по завршување на акцијата.

*Секогаш потенцирате дека без поддршката на партнерски компании, Министерството за животна средина, акцијата нема(ше) да биде успешна. Изминативе години во акцијата се вклучуваа и од дипломатските претставништва во земјава. Имате ли во најава дека такво нешто ќе се случи и за оваа акција?

– Апсолутно. Со гордост и задоволство објавуваме дека оваа година безброј институции, министерства, факултети и други јавни претпријатија ќе се приклучат на „Генералка викенд“ и со своите вработени ќе ги чистат просторите околу своите канцеларии. Без постојаната поддршка од нашиот главен стратешки партнер Пивара скопска, како и од нашите официјални партнери: Пакомак, Нула отпад, Шпаркасе банка, ЕВН, Макстил, Бучим Боров Дол, Костал и Саубермахер, како и со институционалната поддршка од Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за образование и наука, ЗЕЛС и Црвен крст, не би можеле да направиме настан од ваков обем.

*За секои десет килограми собран отпад за време на „Генералка викенд“, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Национални шуми преку годишната програма за пошумување, посветува по едно дрво. Колку дрвја досега се засадени и на кои локации?

– Од 2022 година повеќе од 125.000 дрвја без засадени од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Национални шуми, заедно со волонтери од „Генералка викенд“. Беа засадени на повеќе локации: околу езерото Младост во Велес, во Ќојлија, Петровец и во близина на мегалитската опсерваторија Кокино, во Старо Нагоричане.
Освен тоа, повеќе од 10 000 дрвја беа засадени директно во повеќе од 25 општини со помош на приватни донации.
Нашата цел останува, а тоа е: да се засади „Сончева гора“ во секоја општина во Македонија сѐ до 2031 година.

*Во најавата за годинешнава акција посочувате дека од 2021 година повеќе од 44 илјади волонтери од 81 општина собраа повеќе од 1 милион килограми отпад за време на настаните „Генералка викенд“. Очекувате ли годинава уште поголем одѕив од граѓаните за вклучување во оваа масовна акција?

– Немаме никакви очекувања, но според досегашните повратни реакции, „Генералка викенд 25“ може да стане огромна пресвртница, не само во историјата на овој настан, туку и на оваа земја.

*Територијата на Македонија може да се каже дека е една голема депонија. Отпад има насекаде, почнувајќи од градските улици, паркови, на отворен простор покрај патиштата, покрај коритата на реките… Тоа впрочем и вие на вашата веб страница ја имате прикажано мапата на Македонија и со пинови ги имате посочено сите локации што треба да се исчистат, а ги има многу. Ќе бидат ли доволни три дена да ја исчистиме државата?

– Три дена не се доволни, но 10 години се. Имаме повеќе од две илјади регистрирани диви депонии во нашата земја. Повторувам, регистрирани. Само Бог знае колку всушност имаме во оваа земја нерегистрирани. Гледаме дека Владата сега, по 30 години игнорирање на овој проблем, конечно почна да прави чекори кон создавање регионални депонии со собирање на отпадот од сите нелегални депонии, за да ги централизира на места што се според највисоките европски стандарди. Но, ова е само првиот чекор. Крајната цел треба да биде отпадот да се селектира, собира, повторно да се реупотреби како суровина или како извор на енергија и само 1% од тој отпад да заврши на регионалните депонии. Гледаме дека игнорирањето на овој проблем 30 години нè доведе до ова место. И сега е на Владата и на граѓаните да ги засукаат ракавите и да исчистат.

*Целта на секоја еколошка акција е да се промени свеста кај граѓаните, особено кај младите за чиста животна средина. Дали забележувате промена од 2021 година до сега?

– Целта на акцијата не е да се подигне свеста, туку да се натераат луѓето да се чувствуваат одговорни за сопствената земја. Одговорните луѓе кои ја сакаат својата земја не ја уништуваат намерно. Луѓето кои намерно го уништуваат имотот на граѓаните на оваа земја се криминалци, а луѓето кои го кршат договорот меѓу граѓаните треба да бидат законски гонети. Највисока обврска на секого е да се грижи за своето семејство, својата заедница, а со тоа и за својата околина и земја. Ова е нашата цел. Вистинскиот патриотизам се манифестира само во тоа како се однесувате кон вашата заедница и вашата околина. Ова не е нешто што може да го научат само младите, туку треба да го разберат и возрасните. „Генералка викенд“ е акција од граѓаните за граѓаните и најголемото покажување на патриотизам во нашата земја.

*Вие сте партнери и во екологијата и во приватниот живот. Што ве мотивираше да почнете со проектот „Мен енд Маунтен“?

– Кога пред 6 години дојде Ханес во Македонија, буквално се заљуби во нашата земја уште пред да се запознаеме. Ханес живеел во многу земји и на неколку континенти и до ден денес, иако се соочуваме со многу предизвици, вели дека поубава земја од Македонија нема видено. Тој во Македонија гледа огромен потенцијал. Затоа и почнавме. Сакавме целата енергија и искуство, малото знаење што сме го стекнале, и професионално и животно, да го вложиме во нешто што ќе донесе добро за сите. Како и во секоја домаќинска куќа, одлучивме пред да примиме гости или да седнеме да го испиеме кафето, да го исчистиме домот, да направиме една генералка. Така дојде идејата за генералка чистење, односно „Генералка викенд“ за цела држава затоа што, еве почнувајќи од нас како граѓани, сакаме да живееме во чиста околина. Верувам дека и сите граѓани во оваа земја сакаат да живеат во чисто опкружување, а не полно со отпад.

Веќе стана навика отпадот да е дел од секојдневието, но не смееме да дозволиме  тоа да се случува и гледаме дека се повеќе граѓани кои беа малцинство за животната средина, сега стануваат мнозинство. И тоа е добро.

Во овие 5 години имаше предизвици, но ние сме упорни. За секоја работа да биде добро завршена, треба целосна посветеност, многу љубов и континуитет во нешто што се прави ако сакаме долгорочно да имаме позитивен резултат. Тоа е она што треба да ни биде всадено, да има континуитет и етика. Успех за нас е што се повеќе граѓани се вклучуваат во акцијата затоа што „Генералка викенд“ не е акција на Гордана и Ханес, туку е акција од граѓаните за самите граѓани. Сите општини се вклучени, што подразбира вклучување на илјадници жители од градинки, училишта, спортски сојузи, пензионерски здруженија, еколошки невладини организации, спасители, месни и урбани заедници. Тие излегуваат на терен и тие го собираат отпадот од нивните населени места. Тоа предизвика еден социјален феномен. По втората или третата година од акцијата добивме повратни информации од повеќето општини дека не е успехот само што исчистиле, туку дека конечно нешто направиле заедно. Од неколку општини добивме информација дека не се соочуваат со толкава количина на отпад, некаде велат дека не можат да соберат ниту 5 килограми отпад во цел град.

Тоа заедништво е клучниот аспект на „Генералка викенд“ затоа што ги обединува сите.  Знаме дека има многу локални еколошки акции на неколку пати, па потоа ги снемува. Ние сфативме дека заедно сите мора да бидат вклучени – општините, локалните и централните институции, бизнис секторот.

*Има ли чист град во Македонија?

– Има. Да речеме во еден мал град во источна Македонија не може отпушок да се најде на улица. Ханес вели како да се наоѓаме во Австрија. Има и други помали рурални општини што се беспрекорно чисти. Има градови каде што домаќинствата селектираат отпад.

*За крај, би сакала на читателите на весникот ВЕЧЕР да им ги посочите   придобивките од здравата животна средина и да упатите порака што секој од нас како индивидуа треба да направи за да ја зачуваме околината чиста.

– Никој од нас не е доволно силен да промени нешто сам, но можеме да се промениме себеси. Ако градите куќа, однесете го вашиот градежен шут на регистриран отпад за таа намена и не фрлајте го покрај река! Ако одите на пикник, земете кеси за отпад со вас и исчистете, и оставете го ова место во подобра состојба отколку кога го најдовте, дури и ако тоа значи да собирате отпад што не сте го оставиле вие самите. Направете си навика еднаш неделно да го чистите тротоарот пред вашата куќа или дворот на станбената зграда во која живеете. И фрлајте го отпадот во контејнери, а не од вашиот балкон. Почнете да размислувате за компонентите на вашиот отпад: што е пластика, што е хартија, што е стакло, што е органски отпад и започнете со селектирање во вашето домаќинство за да ви стане тоа навика. Селекцијата на отпад ќе дојде во Македонија порано отколку што мислиме, а граѓаните треба да бидат подготвени за тоа уште од првиот ден.

Регионалните депонии се вистинскиот спас од ѓубрето

*Некако се створи фама во државата дека за сите локации што се предвидени за регионални депонии, има антагонизам од граѓаните што живеат во таа околина.  Се дигаат на протести, а сите правиме ѓубре, но не сакаме депонијата да биде во наша близина. Дали жителите треба да стравуваат ако живеат во близина на регионална депонија?

– Реалноста е дека имаме две илјади регистрирани нелегални, диви депонии. Не знам колку илјадници други депонии има. Во цела Македонија имаме само една легална депонија која поседува лиценца. Опстојуваат и многу други депонии кои работат. Ако Владата добива пари од Европската Унија за регионални депонии кои ќе го собираат ѓубрето од сите мали депонии и ќе има централизирано управување и менаџирање според европските стандарди, што е погрешно тука. Сметам дека треба да ја исчистиме 35-годишната меморија на пасивност и за тоа е потребно многу работа и посветеност, многу загриженост и многу проблеми, но тоа е начинот да го извадиме отпадот од нашата животна средина.

Од страна на Владата можеби требаше да има една добра кампања преку цела година за да ги претстави регионалните депонии. Но, тоа не се депонии, туку е затворен систем каде се е селектирано, ништо не лета преку ограда и ништо не влегува во почва, или пак, не гори во воздух. Треба да луѓето да им се покаже со фотографии и да им се објасни како ќе изгледа депонијата, дека ќе биде изградена по европски стандарди, како што сега сакаат да ја направат регионалната депонија во Новаци. Стопирано е нејзиното градење затоа што жителите не се информирани. Ако се изгради по европски стандарди, останува прашањето дали граѓаните сакаат да останат со отворени ѓубришта каде сè ќе оди во почвата, во вода или во воздух, или сакаат затворен контролиран систем на менаџирање со отпад. Сметам дека треба да се отвори инфоцентар каде што луѓето ќе бидат информирани и ќе контактираат со граѓаните.

Светлана БЛАЖЕВСКА – Фото: Петр Стојановски

 

 

 

ИЗДВОЕНИ